„Ал-Нашама” или „Витезите“ така ја нарекуваат Јорданците својата репрезентација, и по децении на чекање, витештвото конечно беше наградено. Нацијата со близу 11 милиони жители чекаше повеќе од три децении за овој момент кој уште од основањето на модерната јорданска фудбалска федерација, Мундијалот беше сон кој се чинеше недостижен.
Главниот напаѓач и најзначаен играч е Ализ Олван — 26-годишниот нападач кој игра во катарската лига (Ал-Сајлија) е вистинскиот мотор на репрезентацијата. Со 9 гола во квалификациите, вклучувајќи хет-трик против Оман, и вкупно преку 29 гола за националниот тим, тој е историски рекордер и лицето на јорданскиот фудбал. Играчот за врска Јазан Ал-Нисор и одбранбениот играч Баха Фајсал се уште два клучни столба на екипата, додека Мухамед Ал-Аџлан е непоколебливиот чувар на голот.
Селекторот е Мароканецот Џамал Селами — тренер кој до Јорданците ја пренесе лекцијата на Мароко од СП 2022, каде Африканците стигнаа до историско полуфинале. „Нема мали нации, има само мали амбиции”, беше пораката со која Селами ги инспирираше играчите на патот кон квалификацијата.
Патот до СП 2026
Патот на Јордан беше исполнет со историски моменти. Во втората рунда на азиските квалификации, Јордан ја победи Саудиска Арабија во гости — резултат кој го потресе целиот арапски свет. Со четири победи и едно реми во шест натпревари, без многу шум и медиумска помпа, тивко го освоија местото во финалната рунда.
Во третата и одлучувачка рунда завршија втори зад Јужна Кореја — со четири победи и четири ремија во осум натпревари. Формата на тимот во претходните години потврдуваше дека оваа генерација е посебна: финале на АФЦ Азискиот куп 2023, освојување на Арапскиот куп 2025, и конзистентни резултати против регионалните гиганти.
Кога финалниот судски свиреж потврди дека Јордан е на Мундијалот, прославата се прелеа низ Аман, Ирбид, Акаба и секое јорданско село. Кралот Абдула Втори лично им честиташе на играчите.
Групата и противниците на СП 2026
Јордан е сместен во Група Ј заедно со Аргентина, Алжир и Австрија.
Натпревари:
- 16 јуни — Австрија vs Јордан, Левај’с Стадиум, Санта Клара
- 22 јуни — Јордан vs Алжир, Левај’с Стадиум, Санта Клара
- 27 јуни — Јордан vs Аргентина, АТ&Т Стадиум, Далас
Натпреварот против Аргентина,бранителите на титулата и тимот на Лионел Меси, ќе биде врвен момент за секој јордански навивач. Но реалната пресметка е некаде на друго место: натпреварот против Австрија на отворањето е можност за добар старт, додека натпреварот против Алжир кои се враќаат на Мундијалот по 12 години пауза е клучниот двобој за можен историски пласман во елиминациската фаза.
Интересни факти за државата
Петра — едно од седумте нови светски чуда. Античкиот град исклесан директно во розовата карпа е симболот на Јордан и едно од најпосетуваните места на светот. Изграден пред над 2 000 години, Петра е сведоштво за цивилизацијата на набатејците и секоја година привлекува милиони туристи.
Мртвото Море — најниска точка на Земјата. На границата со Израел, на 430 метри под морското ниво, лежи Мртвото Море природна реткост каде поради огромната концентрација на сол е буквално невозможно да се потонеш. Јордан е единствената земја на СП 2026 која се граничи со ова природно чудо.
Највисоко рангирање во историјата. Со пласманот на FIFA ранг-листата на 63-то место, Јордан го достигна апсолутниот историски максимум. Само неколку години порано беа надвор од топ-100. Растот е резултат на системска работа, подобра инфраструктура и поголемо инвестирање во академии за млади играчи.
Повеќе од десет неуспешни обиди. Јордан се обидуваше да се квалификува за Мундијал повеќе од десет пати, секогаш паѓајќи во последните рунди или плеј-оф натпревари. Оваа генерација го заврши она што претходните не можеа, и токму затоа прославата во земјата беше толку интензивна и емотивна