Од исмевање до црвен тепих, DARA пречекана во Бугарија како хероина

Бугарската пејачка пред настапот трпела критики и сомнежи, но со „Bangaranga“ ѝ ја донесе на Бугарија првата победа на Евровизија.

Пред само неколку месеци, Дара беше мета на онлајн исмејување, критики и сомнежи околу нејзиниот избор за бугарска претставничка на Евровизија. Денес, истата пејачка се врати дома како хероина, откако со песната „Bangaranga“ ѝ ја донесе на Бугарија првата победа во историјата на Евровизија.

По изборот на Дара за претставничка, дел од бугарската јавност и евровизиските фанови бурно реагираа на социјалните мрежи. Се ширеа обвинувања, коментари полни со омраза и непроверени тврдења дека резултатите биле наместени. Според Eurovisionfun, на социјалните мрежи кружеле и лажни информации, меѓу кои и тврдење од корисник на TikTok дека наводно ги „хакирал“ резултатите од гласањето. Бугарскиот јавен сервис БНТ подоцна ги објави резултатите и соопшти дека за време на гласањето биле блокирани повеќе од 1,5 милиони сомнителни гласови од Азија, идентификувани како обид за манипулација.

Негативната атмосфера очигледно оставила трага врз пејачката. Во изјава по победата, Дара призна дека пред настапот се соочувала со анксиозност и сомнеж, па дури не била сигурна дали сака да оди на Евровизија. Таа му се заблагодари на сопругот, кој, како што рече, ја охрабрил да ја прифати можноста и да продолжи напред.

Иако дел од првичните реакции беа насочени кон изборниот процес, а не само кон неа како артистка, случајот покажа колку брзо евровизиската еуфорија може да се претвори во дигитален линч. Дара, сепак, не се повлече. Со „Bangaranga“ настапи во Виена и освои вкупно 516 поени, од кои 204 од жирито и 312 од публиката.

Победата е историска за Бугарија, која првпат триумфира на Евровизија. Дара по финалето беше пречекана од стотици фанови во Софија, со знамиња, аплаузи и пораки на гордост. Од девојка која неколку месеци претходно беше изложена на омраза, таа стана симбол на отпорност, самодоверба и победа над јавниот притисок

е-Трн да боцка во твојот инбокс