Од X Factor до Евровизија: Која е DARA, бугарската поп-ѕвезда што ја освои Евровизија?

Од X Factor Bulgaria до историска победа на Евровизија, DARA е едно од најпознатите имиња на современата бугарска поп-сцена.
Foto: Eurovision

Бугарија ја доби својата прва евровизиска победа, а лицето на тој историски момент е DARA, 27-годишната поп-пејачка од Варна, родена како Дарина Јотова. Со песната „Bangaranga“, енергичен поп-химничен настап со силна кореографија и фолклорна основа, таа ја освои 70. Евровизија во Виена и ја донесе Бугарија на врвот на натпреварот за првпат од нејзиното деби во 2005 година. Според организаторите, DARA победила со вкупно 516 поени, од кои 204 од жирито и 312 од публиката.

Иако за пошироката европска публика DARA можеби изгледаше како изненадување на вечерта, во Бугарија таа одамна не е ново име. Медиумите ја опишува како „household name“ во нејзината земја, односно пејачка што е добро позната на домашната публика. Нејзиниот пат почнува во Варна, каде што завршила Национално училиште за уметности, а со музика се занимава уште од детството, прво преку бугарски фолклор, а подоцна преку современ поп.

На пошироката публика ѝ станува позната во 2015 година, кога учествува во „X Factor Bulgaria“. Само една година подоцна го објавува дебитантскиот сингл „K’vo ne chu“, кој ја искачува на врвот на бугарските музички листи. Потоа следуваат хитови, награди, распродадени концерти и голема база фанови, а во 2018 година е прогласена за најдобра женска изведувачка на BG Radio Music Awards.

DARA не е само уште една поп-пејачка со радио хитови. Во бугарската музичка сцена таа се препознава по мешањето жанрови, силниот сценски настап и глас што лесно преминува од фолклорна енергија во современа поп-продукција. Официјалната страница на Евровизија наведува дека нејзините песни и видеа имаат повеќе од 80 милиони слушања и прегледи, а дека со хитовите „Thunder“, „Call Me“ и „Mr. Rover“ станала една од најпрепознатливите фигури на модерната бугарска и балканска поп-сцена.

Нејзината популарност во Бугарија се проширува и надвор од класичната музичка кариера. Во 2021 година станува најмладата тренерка во „The Voice of Bulgaria“, а во 2024 година учествува во „Dancing Stars“. Минатата година била избрана и да настапи како предгрупа на концертот на Роби Вилијамс во Софија, што дополнително ја зацврсти нејзината позиција како едно од најголемите современи поп-имиња во земјата.

До Евровизија стигнува во момент кога Бугарија се враќа на натпреварот по неколкугодишна пауза. Земјата не учествуваше од 2023 до 2025 година, а според информациите на медиумите паузата била поврзана со финансиски причини. Токму затоа настапот на DARA имаше дополнителна тежина: не беше само уште едно учество, туку враќање на Бугарија на големата евровизиска сцена.

Песната „Bangaranga“ ја донесе потребната експлозија. Guardian ја опишува како пулсирачка парти-химна инспирирана од кукерите, стар бугарски ритуал со маски, ѕвонци и костими, а самата DARA објасни дека „Bangaranga“ за неа е посебна енергија, чувство дека сè е можно. Насловот доаѓа од јамајкански патоа израз што значи „немир“ или „бунт“, но во нејзиниот настап доби значење на радост, ослободување и сценска експлозија.

Победата беше убедлива. DARA ги освои и гласовите на жирито и гласовите на публиката, што според Евровизија не се случило речиси една деценија. Бугарија заврши со 173 поени предност пред второпласираниот Израел, што официјалната Евровизија го бележи како најголема победничка разлика во историјата на натпреварот, надминувајќи ја предноста со која Александар Рибак победи во 2009 година со „Fairytale“.

За Бугарија, DARA сега е повеќе од победничка на музички натпревар. Нејзиниот успех доаѓа како редок момент на национална еуфорија и заедништво, а SBS забележува дека нејзината победа ја активирала и поддршката на големата бугарска дијаспора. За DARA, пак, Евровизија стана премин од домашна поп-ѕвезда во европско име со меѓународна сцена пред себе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс