Дали лукот навистина го зајакнува имунитетот?

Лукот има репутација на домашна заштита од настинки, но научните докази за тоа се ограничен

Некои истражувања со додатоци на база на лук покажуваат можни придобивки, но нема доволно потврда дека неговото секојдневно консумирање спречува настинка или го забрзува оздравувањето.

Американскиот Национален центар за комплементарно и интегративно здравје наведува дека, иако препаратите со лук често се рекламираат за „зајакнување на имунитетот“, оваа примена е недоволно истражена. Преглед од 2022 година издвоил само две студии што укажуваат на можна корист, а двете имале мал број учесници и методолошки слабости.

Од каде тогаш доаѓа верувањето дека лукот штити од инфекции? Освен од долгогодишната употреба во домашното лекување, дел од објаснувањето е во лабораториските наоди за неговите антимикробни својства. Но дејството во лабораторија само по себе не докажува дека човек што јаде лук поретко ќе се разболува.

Таа разлика се гледа и во прегледот на истражувања на организацијата „Кокрејн“, објавен во 2014 година. Од осум разгледани студии, само една ги исполнувала критериумите за вклучување. Во неа, 146 учесници во текот на 12 недели земале препарат со лук или плацебо.

Кај групата што земала лук биле забележани помалку настинки, но времето потребно за закрепнување било слично. Заклучокот на авторите бил дека резултатот заслужува дополнително истражување, но една студија не е доволна за сигурна препорака.

Важно е и што точно се испитува. Капсула со одреден состав не е исто што и чешне свеж лук или лук додаден во зготвено јадење. Резултатите од истражувањата со препарати затоа не можат едноставно да се претворат во препорака колку чешниња треба да се јадат дневно.

Лукот може да остане дел од исхраната, но поголемите количества не се гаранција за поголема заштита. Кај некои луѓе предизвикува болки во стомакот, гасови или мачнина. Концентрираните додатоци можат да го зголемат ризикот од крвавење, па луѓето што земаат антикоагуланси или аспирин, како и оние пред операција, треба да се советуваат со лекар пред да ги користат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс