Дали Илон Маск го подготвува првиот AI телефон?

Илон Маск ги демантираше тврдењата дека SpaceX развива AI телефон, но компанијата продолжува да вложува милијарди долари во вештачка интелигенција, Grok и нови технологии.

Илон Маск остро ги демантираше информациите дека неговата компанија SpaceX развива паметен телефон базиран на вештачка интелигенција, но шпекулациите околу таков уред продолжуваат да ја интригираат технолошката јавност.

Во средата, Маск ја отфрли статијата на The Wall Street Journal, која тврдеше дека SpaceX на инвеститори им претставила прототип на AI уред. „Целосна невистина“, напиша Маск на платформата X, без дополнителни објаснувања.

Што тврдеше „Wall Street Journal“?

Според весникот, повикувајќи се на извори блиски до компанијата, уредот требало да работи со сопствен оперативен систем, да ја користи AI технологијата на xAI и јазичниот модел Grok, како и процесори на Qualcomm. Наводно, проектот сè уште бил во рана фаза на развој, дизајнот постојано се менувал и не постоела гаранција дека производот некогаш ќе стигне до сериско производство.

Милијарди долари за вештачка интелигенција

Иако Маск ги негира информациите за AI телефон, факт е дека SpaceX вложува милијарди долари во проширување на своите активности надвор од вселенската индустрија. Компанијата инвестира во инфраструктура за вештачка интелигенција, развојот на моделот Grok, како и во нови пресметувачки капацитети поврзани со AI, со цел да се позиционира во центарот на глобалната трка за доминација во оваа област.

Ова не е првпат Маск да ги демантира ваквите гласини. Уште во февруари, медиумите објавија дека SpaceX размислува за развој на пренослив уред поврзан со сателитската мрежа Starlink, кој би можел да стане конкуренција на денешните паметни телефони.

Во јануари, самиот Маск изјави дека „телефон на Starlink не е целосно исклучена можност во иднина“, но нагласи дека таков уред би бил значително поразличен од класичните смартфони.

Трката за AI уреди веќе започна

Во меѓувреме, технолошките компании забрзано работат на нова генерација AI уреди. Microsoft неодамна претстави прототип на нослив AI уред за вработени, кој користи Qualcomm процесори, гласовни команди, екран на допир и интегрирани AI агенти. Во такви услови, евентуалниот влез на Маск на пазарот на хардвер повеќе не изгледа невозможен, иако засега тој категорично ги отфрла сите тврдења дека SpaceX развива AI телефон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс