Денес, на 12 јуни, се навршуваат 97 години од раѓањето на Ана Франк, девојчето чијшто дневник стана едно од најчитаните сведоштва во историјата на човештвото и симбол на страдањата за време на Втората светска војна. Роденa во Франкфурт, во еврејско семејство од средната класа, Ана имала нормално детство сè до доаѓањето на Хитлер на власт во 1933 година, кога семејството Франк се преселило во Амстердам барајќи сигурност, која не траела долго.

Во јули 1942 година, по повикот за депортација на постарата сестра Марго, семејството буквално исчезнало. Се сокриле во таен анекс зад движечка полица со книги во татковата канцеларија на каналот Принсенграхт 263 во Амстердам. Таму, на само 50 квадратни метри, живееле две и пол години семејството Франк, семејството Ван Пелс и Фриц Пфефер. Немале право на излез, нитуправо на глас во денот.
Во тоа тајно скривалиште, Ана пишувала секојдневно, скрупулозно, со зрелост која ја надминувала возраста. Дневникот го почнала на тринаесеттиот роденден, а во него запишувала сè стравот, досадата, соништата, влубеноста, конфликтите со мајката, размислувањата за телото, за иднината, за светот надвор. Сакала да стане новинарка и да пишува романи. Сакала да живее.
Во август 1944 година сокривалиштето било откриено. Како, до ден-денес не е целосно разјаснето. Сите биле уапсени и депортирани. Ана завршила во Аушвиц, потоа во Берген-Белзен. Починала во февруари 1945 година, само неколку недели пред ослободувањето на логорот. Имала петнаесет години.
Отo Франк, единствениот преживеан од осумте станари, се вратил во Амстердам и го пронашол дневникот зачуван од Мип Хис, една од Холанѓанките кои им помагале во сокривалиштето. Го објавил во 1947 година. Денес дневникот е преведен на повеќе од 70 јазици, продаден во над 35 милиони примероци, а куќата на Принсенграхт е музеј кој годишно го посетуваат над милион луѓе. Но бројките, колку и да се впечатливи, не ја раскажуваат целата приказна.

Забранета меморија
Во 2023 година, дневникот на Ана Франк беше повлечен од училишни библиотеки во неколку американски држави меѓу нив Флорида и Тексас, како дел од бранот на забрани на книги кој зафати голем дел од САД. Образложението варирало: премногу „сексуална содржина” поради адолесцентските размислувања на Ана за сопственото тело, премногу „депресивно”, премногу „тешко” за ученици. Иронијата е суштинска и сурова, сведоштвото на дете кое страдало е забрането за да се заштитат деца од непријатност.
Но ова не е нов феномен. Дневникот бил забранет и во Либан, оспоруван во Јапонија, минимизиран во различни образовни системи низ децениите. Секогаш со различно образложение, но со иста суштина: постојат гласови кои системот не сака да ги слушне гласно.
Паралелата со денешноста е неизбежна. Децата од воените региони денес го документираат сопственото уништување во реално време, на TikTok, на Instagram, во видеа снимени со телефони додека зградите паѓаат. Светот гледа и скрола понатаму. Сведоштвото постои, но прагот на внимание е поинаков. Прашањето кое се наметнува е не само морално, туку и медиумско. Во ера на информациско преоптоварување, дали сведоштвото сè уште има иста тежина?

Гласот на девојчето
Ана Франк беше девојче. Ова не е случајна детал туку тоа е централна точка која историјата премногу лесно ја прескокнува затоа што нереткосистематски ги брише женските гласови. Ги категоризира како премногу лични, премногу емоционални, премногу субјективни за да бидат сметани за сериозно историско сведоштво. Дневниците, писмата, личните записи, форми кои жените традиционално ги користеле за да остават траг, долго биле третирани како литература од втор ред, не како историски документи.
Дневникот на Ана Франк го преживеа овој филтер, но не без борба. Отo Франк уредил делови при објавувањето изоставил пасуси каде Ана пишува за сопствената сексуалност, за конфликтите со мајката, за сложеноста на нејзините чувства. Целосната, нецензурирана верзија беше објавена дури во 1995 година, скоро половина век подоцна. Светот го прими сведоштвото на девојчето, но во верзијата која ја одобри маж. Ова не е обвинување кон Отo Франк, кој се посвети на зачувување на нејзиното наследство, туку опсервација за систем во кој дури и највпечатливите женски гласови поминуваат низ машки филтер пред да стигнат до јавноста.
Дали би и верувале денес?
Ова е провокацијата која не може да се избегне. Замислете Анне Франк во 2026 година. Тринаесетгодишно девојче, скриено, кое пишува за страв, за несигурност, за љубов, за тело кое се менува, за свет кој сака да ја убие. Пишува на TikTok. Поставува видеа. Коментира на инстаграм. Дали би и верувале?
Или би рекле дека е „преекспонирана”? Дека „бара сочувство”? Дека „се инструментализира политички”? Во денешниот медиумски пејзаж, каде секое сведоштво за страдање поминува низ алгоритамски и идеолошки филтри, каде „веродостојноста” на жртвата постојано се доведува под прашање, одговорот е непријатно неизвесен.
Истражувањата за медиумска писменост покажуваат дека публиката е значително поскептична кон лични сведоштва на млади жени отколку кон аналитички извештаи или сведоштва на возрасни мажи. Емоцијата се третира како знак на пристрасност. Личното искуство се дисквалификува токму затоа што е лично. А девојчето кое пишува за сопственото страдање ризикува да биде прогласено за недоволно објективно за да и се верува.
Ана Франк преживеа во меморијата токму затоа што нејзините зборови стигнаа до свет кој имаше доволно дистанца да ги прими. Трагедијата беше завршена, контекстот беше јасен, непријателот беше именуван и осуден. Сведоштвото во реално време е поинакво, побезбедно за системот да го игнорира, полесно за алгоритмите да го закопаат, поедноставно за публиката да го прескокне.

Зошто сè уште е важна
Деведесет и седум години од раѓањето на Анне Франк, нејзиниот дневник останува жив не само како историски документ, туку како огледало. Секоја генерација го чита и се препознава во стравот, во надежта, во желбата за нормалност среде ненормалното.
Но можеби најважната лекција не е во она што таа го напишала, туку во тоа колку лесно светот ги игнорира гласовите кои пишуваат истото денес. Гласовите кои се млади, женски, арапски, сиромашни, погрешна националност, погрешна религија, погрешна страна на алгоритмот.
Таа не преживеа. Но прашањето кое го поставува е живо и денес: чии гласови ги слушаме? Чии гласови ги памтиме? И зошто секогаш дури откако ќе е предоцна?