Светската банка предупреди дека светската економија годинава ќе го забележи најслабиот раст од почетокот на пандемијата со Ковид-19, главно поради последиците од војната со Иран. Во најновиот извештај, институцијата ја намали прогнозата за глобалниот економски раст во 2026 година за 0,1 процентен поен, на 2,5 проценти. За споредба, светската економија во 2025 година порасна за 2,9 проценти.
Како главни причини за ревизијата се наведуваат високата инфлација и растот на цените на енергенсите, откако поморскиот сообраќај низ Ормутскиот Теснец речиси запре поради конфликтот на Блискиот Исток. Од Светската банка предупредуваат дека најтешки последици од кризата ќе почувствуваат најсиромашните држави.
Додека граѓаните во побогатите земји се соочуваат со поскапи горива и повисоки трошоци за живот, сиромашните земји се погодени многу посериозно, бидејќи имаат ограничени финансиски ресурси за справување со кризата.
Според проценките на институцијата со седиште во Вашингтон, до крајот на 2026 година една четвртина од земјите во развој ќе бидат посиромашни отколку што биле во 2019 година. Кај земјите со ниски приходи, овој удел би можел да достигне дури една третина.
Проекциите покажуваат и дека околу половина од кревките држави и земјите погодени од конфликти ќе располагаат со помалку средства на крајот од годинава отколку пред избувнувањето на пандемијата на коронавирусот. Во меѓувреме, Светската банка најави нови мерки за ублажување на кризата. Веднаш по нејзиниот почеток беа обезбедени меѓу 20 и 25 милијарди американски долари итна помош.
Банката соопшти дека дополнително ќе стави на располагање меѓу 50 и 60 милијарди долари за поддршка на владите во земјите во развој и на земјоделските компании. Доколку кризата продолжи, Светската банка е подготвена во период од 15 месеци речиси двојно да го зголеми овој износ со цел да помогне во стабилизирањето на економиите погодени од конфликтот и високите цени на енергенсите.