Д Фестивал го претвори Штип во музички центар: Над 100 артисти, повеќе од 80 концерти и бесплатен влез

По неколкугодишна пауза повторно е отворен и Д Кампот, каде фестивалџиите можат да престојуваат за време на настанот.

Штип од вчера повторно живее во фестивалски ритам. Со отворањето на 16. издание на Д Фестивал, најголемиот македонски опен-ер музички фестивал, илјадници посетители од земјава и регионот пристигнаа во градот за тридневна музичка и културна програма што ќе трае до 28 јуни.

Годинава организаторите од „Пасворд Продакшн“ донесоа одлука целата програма да биде бесплатна за посетителите, со цел фестивалот да биде достапен за што поголем број љубители на музиката.

Повеќе од 80 концерти на пет сцени

Во текот на трите фестивалски дена ќе се одржат повеќе од 80 концерти на пет фестивалски сцени, со настап на над 100 домашни, регионални и светски музички имиња.

Првата вечер беше во знакот на хип-хоп музиката, предводена од легендарниот американски продуцент и диџеј DJ Premier. На сцената настапија и Smoke Mardeljano, Fat Filly, Страјк, Гоце САФ и македонскиот бенд Дупер!.

Во наредните два дена посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на Борис Брејча, британскиот рок-состав IDLES, германскиот треш-метал бенд Destruction, мексиканската група Son Rompe Pera, како и регионалните легенди Бајага и Инструктори, Јура Стублиќ и Филм, KOIKOI, Марко Настиќ, Лелее и бројни македонски изведувачи.

Богата програма и надвор од музиката

Покрај концертите, Д Фестивал нуди и разновидни културни, спортски и едукативни активности во рамки на ПлоштАрт зоната. Во соработка со повеќе од 20 организации од Штип и околината се организираат работилници, јога, шах, аеробик, оригами, карате, џиу-џицу, презентации на граѓански организации и други содржини за посетителите од сите генерации.

По неколкугодишна пауза повторно е отворен и Д Кампот, каде фестивалџиите можат да престојуваат за време на настанот. Кампинг-местата се достапни по цена од 600 денари, а бројот е ограничен. Организаторите ги повикуваат сите љубители на добрата музика и фестивалската атмосфера да бидат дел од Д Фестивал, кој продолжува и денес, а завршува во недела, 28 јуни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс