Црна ноќ на македонските патишта: Три жртви и седум повредени во две тешки несреќи

Меѓу загинатите е 17-годишна девојка, а меѓу повредените има и седумгодишно дете

Три лица загинаа, а седум се повредени во две одделни тешки сообраќајни несреќи што се случиле во вечерните часови на 19 септември, во интервал од нешто повеќе од три часа. Несреќите се случиле на патот Битола–Прилеп и на автопатот Куманово–Скопје.

Меѓу загинатите е 17-годишна девојка, додека меѓу повредените има и седумгодишно дете. Првата несреќа била пријавена во 18:29 часот на патот Битола–Прилеп, во близина на местото познато како „Туланата“. Во судирот учествувале автомобил „опел“, управуван од 28-годишен жител на прилепското село Канатларци, и „форд“, управуван од 48-годишен жител на Долно Српци, Општина Могила.

На местото на несреќата починала 17-годишната сопатничка во „опелот“. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош од Битола.

Со тешки телесни повреди се здобиле 28-годишниот возач на „опелот“, 44-годишен патник и седумгодишно дете од Долно Српци, кои се наоѓале во „фордот“. Повреден бил и 48-годишниот возач на „фордот“. Сите повреди биле констатирани во Клиничката болница во Битола. Увид на местото извршила екипа на СВР Битола. Причините и околностите под кои дошло до судирот се предмет на понатамошна полициска истрага.

Само нешто повеќе од три часа подоцна, околу 21:35 часот, била пријавена уште една тешка сообраќајна несреќа, овојпат на автопатот Куманово–Скопје, во правец кон Скопје, во атарот на Агино Село. Во несреќата учествувале „мерцедес“, управуван од 65-годишен скопјанец, и „опел корса“, управувана од 27-годишен скопјанец.

На местото на несреќата починале двајца сопатници од „опел корсата“, 49-годишен и 71-годишен маж, двајцата од Скопје.

Тешко била повредена 48-годишна сопатничка, додека уште двајца патници, на возраст од 28 и 27 години, биле повредени. Тројцата повредени биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид извршила екипа на СВР Куманово.

По наредба на јавен обвинител, 65-годишниот возач на „мерцедесот“ бил лишен од слобода. Од полицијата информираат дека по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс