Црна Гора брза кон ЕУ: До крајот на годината сака да ги затвори сите поглавја

Црна Гора очекува до крајот на 2026 година да ги затвори сите преговарачки поглавја со ЕУ, по усвојувањето на клучните уставни измени

Црна Гора очекува до крајот на 2026 година да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската Унија, најави министерката за европски прашања Мајда Горчевиќ. Таа оцени дека усвојувањето на најновите уставни измени покажува висок степен на политичка одговорност и консензус околу стратешката цел на земјата, членството во ЕУ.

На вонредна седница на црногорскиот парламент беа усвоени предложените измени на Уставот што се однесуваат на Судскиот и Тужителскиот совет, како и на Централната банка. Според Горчевиќ, со гласањето Црна Гора ги исполнила обврските предвидени со европската агенда во делот на зајакнувањето на владеењето на правото, како и условите поврзани со Поглавјето 17.

„Усвојувањето на уставните измени од страна на Парламентот е доказ за високото ниво на одговорност на сите политички фактори и за општествен консензус во однос на најважната стратешка цел – членството во ЕУ“, наведе министерката во објава на „Икс“.

Горчевиќ посочи дека уставните промени претставуваат сложен процес и тест за демократската зрелост на една држава. Таа оцени дека со последното гласање Подгорица повторно ја потврдила подготвеноста да придонесува кон европскиот демократски простор и да ги исполнува обврските во процесот на пристапување.

Црна Гора во последниот период го забрзува процесот на европска интеграција, а целта што ја поставува Владата е до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја. Доколку планот биде реализиран, земјата би се приближила значително до завршната фаза од пристапните преговори со Унијата.

Извор: МИА

е-Трн да боцка во твојот инбокс