Реката Црн Дрим на 13 јули ќе стане сцена за уникатно музичко доживување – пловен мини концерт кој ќе ги спои локалната музичка сцена, природата и препознатливата летна атмосфера на Струга. Настанот ќе започне во 20:00 часот и ќе трае 40 минути, а ќе се одржи кај Дрвениот мост, во близина на ресторанот „Антика“.
Иницијативата е на Коста Костоски, а е поддржана од Europe House Struga, од каде посочуваат дека најдобрите идеи се оние што ја поврзуваат заедницата, креативноста и јавниот простор.
„Ова е уникатно музичко доживување што ги спојува локалната музичка сцена, природата и летната атмосфера на градот“, велат организаторите.
На пловната сцена ќе настапат повеќе музичари и изведувачи: Коста Костоски, Сан Андрејас, Артан Жута, Бојан Крстиновски, А. Бајрамски, Давид Поповски, XtorN, Менда Шеј, Владимир Мојсовски и Томислав Несторовски. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во музиката покрај реката, во амбиент што ја нагласува поврзаноста меѓу уметноста, природата и градскиот простор.
Организаторите ги покануваат граѓаните и посетителите да бидат дел од ова летно музичко доживување покрај Црн Дрим.