Четири рудници го држат македонското рударство, резервите се трошат, иднината е неизвесна

Македонското рударство сè повеќе зависи од само неколку големи рудници кои го носат најголемиот дел од производството и вработувањата во секторот. Експертите предупредуваат дека резервите во дел од рудниците постепено се намалуваат, а нови големи инвестиции и истражувања речиси и да нема. Тоа отвора сериозни прашања за иднината на една од најстарите индустрии во земјата.

Според анализите, четири рудници во моментов го одржуваат најголемиот дел од македонското рударско производство и извоз. Станува збор за рудниците „Саса“, „Бучим“, „Тораница“ и „Злетово“, кои имаат клучна улога во производството на олово, цинк и бакар и обезбедуваат илјадници работни места, особено во источниот дел од државата. Рударството и понатаму претставува важен дел од индустриското производство и извозната економија на Македонија. 

Но, проблемот е што дел од постојните резерви се при крај, а отворањето нови рудници или проширувањето на постојните се соочува со административни, еколошки и политички пречки. Експертите предупредуваат дека без нови геолошки истражувања и инвестиции, секторот постепено може да влезе во криза. Дополнителен проблем е и недостигот од стручен кадар, бидејќи бројот на рудари и инженери континуирано се намалува. 

Податоците покажуваат дека бројот на вработени во секторот „Рударство и вадење камен“ бележи пад во последните години. Дел од младите инженери заминуваат во странство, а компаниите сè потешко наоѓаат обучени работници. Иако рударството и натаму носи значителни приходи за државата, неизвесноста околу резервите и идните инвестиции создава загриженост кај локалните заедници што економски зависат од рудниците. 

Истовремено, темата за отворање нови рудници останува силно чувствителна во јавноста поради еколошките стравувања и отпорот на локалното население во повеќе региони. Дел од експертите сметаат дека Македонија има значителен неискористен минерален потенцијал, но предупредуваат дека без модерни стандарди и строги еколошки контроли, довербата на граѓаните тешко ќе се врати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни