Како што пренесуваат медиумите, холандскиот орнитолог Лео Шилперорд бил првиот патник на крузерот кој развил симптоми на хантавирус. Тој и неговата сопруга Миријам патувале низ неколку јужноамерикански земји и наводно посетиле депонија во Аргентина за да набљудуваат ретка птица, што сега е во фокусот на епидемиолошката истрага.
Според досегашните информации, двојката починала по појавата на симптомите, а здравствените власти се сомневаат дека токму таму можеби дошло до контакт со заразени глодари. Хантавирусот најчесто се пренесува преку урина, измет или плунка од заразени глодари, а инфекцијата може да предизвика тешки респираторни компликации и висока смртност.
Крузерот „МВ Хондиус“ изминатите денови е во центарот на меѓународно внимание откако Светската здравствена организација потврди повеќе случаи на зараза и најмалку три смртни случаи. Дел од патниците веќе се евакуирани и ставени под медицински надзор во различни земји, додека здравствените служби се обидуваат да ги следат сите контакти и можни синџири на пренос.
Иако постои загриженост поради фактот што се работи за вирус од типот Андес, за кој е можен ограничен пренос меѓу луѓе, Светската здравствена организација засега уверува дека не станува збор за нова глобална пандемија. Сепак, случајот предизвика тревога бидејќи инфекцијата се појави на брод со патници од различни држави, што дополнително ја усложнува контролата и епидемиолошкото следење.