Цените на горивата во Европската Унија достигнаа историски највисоко ниво во изминатите две децении, соопшти Европската комисија во најновиот неделен извештај. Просечната цена на бензинот на 14 септември изнесуваше 2,063 евра, додека литар дизел се продаваше за 2,159 евра. Полно полнење на резервоар од 50 литри сега чини повеќе од 100 евра, а економистите од Европската централна банка предупредуваат дека вистинскиот притисок врз дизелот ќе кулминира во октомври.
За резервоар од 50 литри бензин возачите во просек издвојуваат околу 103 евра, а за исто количество дизел 108 евра. Овие бројки се највисоки откако Европската комисија почна со официјална евиденција во 2005 година.
Разликите меѓу државите членки остануваат големи, главно поради даночните политики. Најевтино гориво точат возачите на Малта, каде литар бензин чини 1,34 евра, а дизелот 1,21 евро. На спротивната страна се Данска со бензин од 2,56 евра и Финска каде дизелот достигна 2,51 евро по литар. Претходниот рекорд за бензинот беше поставен во 2022 година.
Бранот поскапувања трае од крајот на февруари, откако воениот конфликт со Иран го наруши поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец. Цената на типот Брент за време на најжестоките судири ја надмина границата од 126 долари за барел. На берзите сега се тргува за нешто повеќе од 104 долари, што е значителен скок во споредба со предвоените 72 долари.
Дополнителен удар на европскиот пазар зададе саудиската државна компанија „Сауди Арамко“. Како што објави „Блумберг“, компанијата известила најмалку две европски рафинерии дека ги запира договорените испораки за октомври. Оваа мерка следи по нападот врз клучниот саудиски нафтовод што води кон Црвеното Море.
Суровата нафта не е единствената причина за поскапувањето. Самиот процес на преработка чини повеќе, а рафинериските маржи се зголемени. Според анализите на Европската централна банка, маржите за бензинот го достигнаа врвот во август, но кај дизелот растот ќе трае и во текот на октомври.
Во третата недела од септември рафинериската маржа зафаќаше дури 19 отсто од малопродажната цена на дизелот, односно 0,41 евро по литар. Кај бензинот тој удел изнесува 8 отсто. Од почетокот на годинава, цената на бензинот во Унијата порасна за околу 29 проценти, додека дизелот отиде нагоре за речиси 40 отсто.
Глобалните шокови директно се прелеваат и врз домашниот пазар, каде што Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) преку редовните пресметки ги усогласува малопродажните цени со движењата на берзите и курсот на денарот во однос на доларот. Според последната одлука на регулаторот донесена на 14 септември, бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се точат за 100,50, односно 102,50 денари за литар, додека дизелот е 99 денари. Ова претставува скок за 3,50 денари по литар кај бензините и јасен сигнал дека земјата не може да остане изолирана од меѓународните притисоци.
Поради стопроцентната увозна зависност од нафтени деривати, најавениот октомвриски пик на рафинериските маржи во Европа претставува сериозна закана за нов раст на цените на домашните бензински пумпи. Секое дополнително зголемување на дизелот претставува директен трошок за транспортот и логистиката, што во домашни услови веднаш го отвора ризикот за поскапување на основните прехранбени производи. Додека регулаторот има фиксни акцизи и трговски маржи во формулата, просторот за апсорбирање на надворешните шокови останува минимален.