Цените на нафтата денеска се задржаа близу 105 долари на меѓународните пазари. Трговците ги следат сигналите за можен нов круг преговори меѓу Иран и САД, но и предупредувањата дека нормализацијата на транзитот низ Ормускиот Теснец нема да се случи брзо.
На лондонскиот пазар, барел нафта попладнево се тргуваше речиси по истата цена како и на вчерашното затворање, од 104,90 долари. На американскиот пазар барелот беше поевтин за 1,78 долари и изнесуваше 94,07 долари.
Расположението на пазарите оваа недела беше под влијание на иранската блокада на Ормускиот Теснец и американската блокада на иранските пристаништа.
Пред една недела Иран објави дека го отвора теснецот, но со услов бродовите да го координираат минувањето со иранската морнарица. САД, пак, ја продолжија блокадата на иранските пристаништа во Оманскиот Залив и Арапското Море, и покрај продолженото примирје.
Техеран предупреди дека блокадата претставува кршење на примирјето и повторно го затвори Ормускиот Теснец. Иранската војска во меѓувреме пресретна неколку бродови што се обиделе да поминат низ теснецот и ги придружила до иранскиот брег.
Американската војска, пак, изврши упад на ирански контејнерски брод во Оманскиот Теснец, а запре и танкер во близина на Шри Ланка.
Надеж кај инвеститорите донесе информацијата дека иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во петок навечер ќе отпатува во Исламабад, Маскат и Москва, каде треба да разговара за состојбата во регионот, според агенцијата „Мехр“.
И Пакистан и Оман досега посредуваа во преговорите меѓу САД и Иран. Аракчи веќе разговарал со пакистанскиот колега Исак Дар и со командантот на пакистанската војска Асим Мунир, кои посредувале во претходниот круг разговори во Исламабад.
Неименуван американски функционер изјави дека во Пакистан наскоро би можеле да отпатуваат и пратениците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс засега не планира да се приклучи, но ќе биде подготвен да патува во Исламабад доколку преговорите напредуваат, објави Си-Ен-Ен.
„Застојот во Ормускиот Теснец создаде сложен логистички предизвик што нема да се реши преку ноќ. Расчистувањето на застојот ќе трае со недели, бидејќи бродовите ќе се распоредуваат во помали групи низ пристаништа што веќе се оптоварени“, предупреди Оле Хансен од „Саксо банка“.
Одделни пресметки на Организацијата на земји извознички на нафта покажуваат дека барелот од кошничката на нафта на нејзините членки во четвртокот поскапел за 3,22 долари и изнесувал 106,28 долари.