Царината и МВР контролирале 38 пловила на Охридското Езеро

Охридско Езеро, Царинска управа, контрола на пловила, МВР, пловила Охрид, привремен увоз, увозни давачки, одземање пловила, царинска контрола

Мобилни тимови на Царинската управа, во координирана акција со Министерството за внатрешни работи, извршиле контрола на 38 пловила на Охридското Езеро.

При контролите биле проверувани царинскиот статус на пловилата, како и лицата што управувале со нив.

Контролите веќе даваат резултати

Од Царинската управа велат дека акциите веќе даваат ефект, бидејќи е забележана зголемена наплата на увозни давачки за пловила кои претходно биле внесени во земјава со привремен увоз.

„Во изминатиот период се забележува зголемена активност на платени увозни давачки за пловни објекти кои биле внесени со привремен увоз, што укажува дека контролите даваат ефект“, изјави управникот на Царинарница Битола, Ѓоко Трпоски.

Се проверуваат пловила со привремен увоз

Од Царината појаснуваат дека целта на акцијата е да се утврди царинскиот статус на пловилата внесени во земјава, особено на оние што се водат како привремено увезени.

Според царинските прописи, таквите пловила може да се користат во земјава во законски утврден рок.

По истекот на рокот, доколку пловилото не биде повторно извезено и не ја напушти државата, сопственикот треба да го регулира неговиот статус и да ги плати предвидените увозни давачки.

Најавени засилени контроли

Проверките се вршеле согласно Царинскиот закон, Законот за внатрешна пловидба и другите прописи што го регулираат увозот, прометот и управувањето со пловила.

Началникот на Одделението за оперативни работи во Царинската управа, Душан Размовски, најави дека мобилните тимови ќе продолжат со засилени контроли.

Од Царината предупредуваат дека за непочитување на законските одредби ќе следуваат прекршочни санкции, а меѓу можните мерки е и одземање на пловилото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс