Чакалите би можеле да населат до 75 проценти од европскиот континент, односно речиси шест пати поголема површина од онаа што ја зафаќаат денес. Ова го покажува нова студија објавена во научното списание Nature Ecology & Evolution, во која учествуваат истражувачи од 13 европски земји, меѓу кои и д-р Диме Меловски и м-р Александар Стојанов од Македонското еколошко друштво.
Истражувањето покажува дека сивиот волк е клучниот природен предатор што го ограничува присуството на чакалите. Но, во простори каде што човечкото присуство е силно, тоа дејствува како своевиден „штит“ за чакалите, бидејќи го намалува притисокот од волците и им создава услови да се приближат до населени места и изменети предели.
Чакалот се шири таму каде волкот се повлекува
За да се разберат причините за ширењето на чакалот, од 2001 до 2017 година биле собирани стандардизирани теренски податоци на речиси 9.000 локации во Централна и Југоисточна Европа, вклучително и во Македонија.
Студијата покажува дека врз бројноста на чакалите влијаат повеќе фактори: пократкотрајната снежна покривка, која е поврзана со климатската криза, умерената шумска покриеност и близината до водни тела. Сепак, најважен фактор останува отсуството на врвни предатори, пред сè волкот.
„Истражувањето ја потврди тезата дека историскиот пад на волците во Европа била главната причина за сè поголемата распространетост на чакалите низ Европа. Кога чакалите ќе почнеме да ги среќаваме и на места каде што вообичаено не живееле, вклучително и во повисоките предели, тоа значи дека популацијата на волкот, но и на разни видови плен, како срната, е загрозена“, објаснува д-р Диме Меловски, раководител на Програмата за диви видови во МЕД.
Македонија нема точни податоци за бројноста на чакалите
Во Македонија, чакалот во деведесеттите години бил истребен, поради што претходно имал статус на строго заштитен вид. Денес ситуацијата е поинаква. Според МЕД, честите случаи на прегазени чакали и пријавите од граѓани укажуваат дека бројноста на овој вид расте и кај нас.
Сепак, точни податоци за популацијата нема. Денес чакалот ја населува целата територија на Македонија, но без систематско следење тешко може да се процени колку брзо се шири, каде е најброен и какво влијание има врз екосистемите.
„Чакалот, како и секое друго животно, си има своја функција во екосистемот. Но, популациите на крупни месојади мора да се менаџираат. Ова, од една страна, ќе помогне да се врати и одржува балансот во екосистемот, а од друга страна ќе спречи да дојде до истребување на даден вид“, вели м-р Александар Стојанов од МЕД.
Тој посочува дека државата, во соработка со ловните друштва и експертски организации, треба да започне со утврдување на бројноста на чакалите, како прв чекор кон управување со популацијата.
Заштитата на волкот е дел од решението
Според истражувањето, закрепнувањето на врвните предатори може да биде природно решение за регулирање на растечките популации на мезопредатори, како што е чакалот. Но, за тоа да се случи, волците мора да имаат стабилна и доволно бројна популација.
Во македонски контекст, МЕД посочува дека ова е уште една причина волкот да се заштити со ловостој, имајќи предвид дека неговата популација е во опаѓање. Без стабилни популации на врвни предатори, природната рамнотежа станува сè почувствителна на човечки притисок, климатски промени и промени во користењето на земјиштето.
Истовремено, заштитата на волкот не може да се гледа изолирано од луѓето што живеат во руралните и планинските предели. Потребни се мерки за намалување на конфликтите меѓу човекот и дивите животни, подобро управување со ловството и систематско следење на дивите видови.
Студијата покажува дека природата има свои механизми за баланс, но тие сè потешко функционираат кога човекот ги менува правилата. Таму каде што волкот се повлекува, чакалот добива простор. А кога човекот станува „штит“ за еден вид, последиците се чувствуваат во целиот екосистем.