Бизнис заедницата повторно на старт: Business Run 5K ќе се трча на 4 јуни во Скопје

По успешното премиерно издание, Croatia Osiguruvanje Business Run 5K повторно ќе ги обедини компаниите, институциите и организациите во Скопје. Настанот комбинира спорт, тим-билдинг и дружење, а организаторите очекуваат уште поголем број учесници годинава.

Croatia Osiguruvanje Business Run 5K ќе се одржи на 4 јуни во Скопје, носејќи го второто издание на еден од најмасовните корпоративни спортски настани во земјата. Трката ќе стартува во 18 часот на кејот на реката Вардар, пред Acibadem Sistina и Premium Sport Center.

Настанот повторно ќе ги обедини компаниите, институциите, здруженијата и дипломатските претставништва во тимски спортски предизвик чија цел е промоција на здрави животни навики, подобра тимска поврзаност и дружење надвор од работната атмосфера.

Пријавувањето за трката веќе е започнато и ќе трае до 27 мај, а бројот на учесници е ограничен. Организаторите очекуваат уште поголем интерес по успехот на минатогодишното издание, кога учествуваа повеќе од 45 компании од финансискиот сектор, ИТ-индустријата, телекомуникациите, фармацијата, логистиката и јавните институции.

Минатата година титулата за најбрз тим ја освои Halkbank, пред Комерцијална банка и Шпаркасе банка. И годинава трката ќе биде дел од регионалната Adria Corporate Run League, што значи дека најдобриот тим од Македонија ќе обезбеди настап на регионалното финале со компании од Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Програмата на 4 јуни започнува во 18 часот со музичка програма и преземање на стартните пакети, а во 18:40 часот ќе се одржи организирано загревање под водство на фитнес инструктор од Premium Sport Center. Официјалниот старт на трката на 5 километри е закажан за 19 часот.

По завршувањето на трката ќе следува after-run забава со музика во живо, храна, пијалоци и дружење за сите учесници. Во вечерниот дел ќе бидат прогласени победниците, а организаторите најавуваат и лотарија со награди и изненадувања.

Право на учество имаат тимови составени од најмалку три члена, при што задолжително е барем еден учесник да биде од спротивниот пол. Пласманот ќе се одредува според вкупното време на тројцата најбрзи членови на секој тим.

Настанот го организира Здружение за спорт и рекреација „Прв до врв“, со поддршка на Croatia Осигурување и Acibadem Sistina.

е-Трн да боцка во твојот инбокс