ерманската централна банка „Бундесбанк“ ќе стави крај на долгогодишната поволност што им овозможуваше на нејзините вработени и пензионери бесплатно да користат лични сметки и сметки за хартии од вредност. Промената ќе опфати околу 21.000 сметки, а процесот треба целосно да заврши до средината на 2029 година.
Досега вработените во Бундесбанк имаа можност бесплатно да користат тековна сметка и депозит за хартии од вредност, а ова право го задржуваа и по заминувањето во пензија. Токму затоа значителен дел од корисниците денес се поранешни вработени.
Причината за укинувањето е застарениот систем преку кој се водат сметките. Неговото приспособување на современите технички стандарди би барало големи инвестиции. Претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, уште во 2024 година посочил дека модернизацијата би можела да чини десетици милиони евра.
Дополнително, според германските медиуми, судска одлука утврдила дека ваквиот модел на интерни сметки не е законски одржлив.
Одлуката предизвикала незадоволство меѓу дел од вработените и нивните претставници, кои ја критикувале управата поради тоа што, според нив, немало доволно простор за договор околу алтернативно решение.
Сепак, сметките нема да бидат затворени веднаш. Предвиден е преоден период до средината на 2029 година, во кој Бундесбанк треба да побара понуди од комерцијалните банки и да им ги претстави на засегнатите вработени и пензионери.
Банката најавува и помош при префрлањето на сметките кај други финансиски институции.
На крајот на 2025 година Бундесбанк имала 11.751 вработени, од кои 10.333 пресметани како вработени со полно работно време. Бројката од околу 21.000 засегнати сметки затоа ги опфаќа и сегашните и поранешните вработени, односно пензионерите.