Британскиот премиер: Брегзит донесе повеќе штета, мора да разгледаме и враќање во ЕУ

По годишната конференција на лабуристите, Енди Барнам порача дека Лондон мора да преиспита сè – од царинска унија до целосно членство.
Фото: House of Commons, CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Британскиот премиер Енди Барнам изјави дека Велика Британија треба да ги разгледа сите опции за идните односи со Брисел, вклучително и можното враќање во Европската Унија. Во интервју за Би-би-си по партиската конференција на лабуристите, тој отворено порача дека Брегзит донел повеќе штета отколку корист за земјата.

Барнам порача дека Британија мора да избере долгорочен модел што најмногу одговара на нејзините интереси, наместо да остане заробена во сегашниот статус кво.

„Можеме да останеме тука каде што сме. Тоа е секако една од можностите, доколку луѓето сметаат дека ова е добро место за останување. Можеме да го разгледаме предлогот на Џорџ Озборн за царинска унија. Можеме да го земеме предвид ставот на Либералните демократи за единствениот пазар, а можеме да одиме и до крај“, изјави британскиот премиер.

Според него, секоја опција треба строго да се мери според реалната изводливост, но и според јасните предности и загуби што ги носи.

Поранешниот конзервативен министер за финансии Џорџ Озборн веќе подолго време ја турка идејата за влегување во царинската унија со ЕУ со цел да се намалат бариерите за британскиот бизнис. Во исто време, Либералните демократи бараат враќање на заедничкиот европски пазар. Со поставувањето на овие барања во ист кош со целосниот реинтеграциски процес, премиерот прави остар прекин со досегашниот страв на британските политичари отворено да зборуваат за грешките од 2016 година.

Велика Британија гласаше за излез од блокот пред точно една деценија, со што прекина над четириесет години членство. Годините што следеа донесоа дипломатски триења и постојан притисок врз британската економија. Најавениот британско-европски самит закажан за ноември ќе биде првиот конкретен тест каде Лондон ќе ги стави на маса новите модели за соработка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс