Британскиот премиер Кир Стармер најави дека Велика Британија ќе воведе забрана за користење на водечките апликации за социјални мрежи за деца помлади од 16 години.
Стармер порача дека, според него, целосната забрана е неопходна за заштита на децата, нивното ментално здравје и безбедноста во дигиталниот простор.
„Водењето држава секогаш е прашање на избор, а за мене е јасно дека целосната забрана е вистинскиот избор“, изјави британскиот премиер, пренесува Sky News.
Тој оцени дека социјалните мрежи ги прават децата понесреќни, отвораат простор за вознемирување и злоупотреба, како и за изложеност на штетни содржини.
„Нема да правам компромиси околу безбедноста и среќата на нашите деца. Затоа оваа забрана мора да се спроведе. И ќе се спроведе“, порача Стармер.
Освен социјалните мрежи, ограничувања ќе има и за дел од платформите за игри. Тие, според најавите, ќе мора да спречат децата да комуницираат со непознати лица, доколку не се опфатени со општата забрана.
Стармер призна дека дел од децата можеби ќе се обидат да ја заобиколат забраната, но нагласи дека тоа не смее да биде причина мерката да не се воведе.
Британскиот премиер тврди дека забраната ќе им даде на децата повеќе време, поголема безбедност и повеќе простор за здраво растење.