Брисел, кој важи за административен центар на Европската унија, се соочува со сè подлабока социјална криза и растечка нееднаквост, покажуваат податоците од извештајот „Барометар на благосостојба“ за 2025 година. Според извештајот на Опсерваторијата за здравје и социјална заштита, околу 23% од жителите на регионот Брисел се изложени на ризик од сиромаштија. Тоа е значително повисок процент во споредба со Фландрија (7%) и Валонија (13%).
Најниските приходи во Белгија се концентрирани токму во главниот град, при што шест од десет општини со најлоши социо-економски показатели се наоѓаат во Брисел, меѓу кои Сен Жос тен Нод, Моленбек Сен Жан, Андерлехт, Кокелберг, Шербек и самиот град Брисел.
Податоците укажуваат и на раст на екстремната сиромаштија. Во 2025 година, речиси 47.304 лица во Брисел користеле социјална помош, што е повеќе отколку во Фландрија, иако таа има значително поголема популација.
Дополнително, се проценува дека во градот живеат над 50.000 луѓе без документи, додека речиси 9.800 лица се бездомници или живеат во несоодветни услови. Организацијата Bruss’Help бележи зголемување од над 25% на бројот на бездомници во последните две години.
Најголемиот проблем останува домувањето. Жителите во просек трошат повеќе од 20% од своите приходи на сместување, додека кај најсиромашните домаќинства тој удел надминува половина од приходите. Листите за социјални станови постојано растат, а дел од семејствата чекаат и повеќе од една деценија.
Во почетокот на 2025 година, повеќе од 55.000 семејства биле на листа за социјално домување. Во исто време, околу 24% од жителите живеат во несоодветни услови, а 30% во пренатрупани домови. Најтешко се погодени децата, секое трето дете во Брисел расте во домаќинство со ризик од сиромаштија.