Европската унија се подготвува за нов политички судир околу предлогот за воведување нов данок за онлајн обложување на ниво на сите членки. Намерата на Брисел е преку овој данок да обезбеди дополнителни милијарди евра за европскиот буџет, но Малта и уште неколку медитерански земји најавуваат силен отпор и вето. Во кампањата за оданочување на коцкањето се вклучи и легендарниот англиски голман Петер Шилтон.
Европската комисија разгледува воведување данок од три проценти врз нето-прометот на индустријата за онлајн обложување, со што се очекува годишно да се собираат околу 1,9 милијарди евра. Во период на седумгодишна буџетска рамка, тоа би донело над 13 милијарди евра во касата на Унијата.
Со овие средства Брисел планира да ги покрие растечките трошоци за одбрана, како и отплатата на заемот за закрепнување од пандемијата, без притоа да ги зголеми директните национални придонеси на земјите членки.
Предлогот наиде на жежок отпор во Валета. За Малта, каде што секторот за игри на среќа учествува со дури 12 проценти во бруто-домашниот производ, овој данок претставува директна закана за економијата. Малтешкиот премиер Роберт Абела веќе порача во парламентот дека неговата земја нема да прифати никаков нов данок на ниво на ЕУ што служи за финансирање на европската потрошувачка.
Властите на Малта тврдат дека повисоките даноци ќе ги натераат компаниите да побегнат од европскиот пазар и ќе ги пренасочат играчите кон илегалните платформи за кладење.
Фронтот за воведување на данокот во Брисел го предводи бившиот репрезентативен голман на Англија, Петер Шилтон. Тој со децении се борел со сопствената зависност од коцкање, а сега како активист соработува со Европскиот парламент за построга регулација на индустријата.
Шилтон ги отфрла аргументите на Малта и тврди дека повисоките даноци директно ќе ги намалат буџетите на обложувалниците за рекламирање, со што ќе се намали и привлекувањето нови млади играчи.
Малта во овој спор не е сама. Италија, Шпанија и Португалија исто така изразија резервираност кон оваа идеја. Според проценките, Шпанија би имала најголем трошок со околу 414 милиони евра годишно, додека Малта би требало да плаќа 165 милиони евра годишно, што е голем износ за најмалата земја во Унијата.
Бидејќи за сите нови сопствени извори на приходи во ЕУ е потребна едногласна одлука од сите 27 земји членки, заканата со вето од Малта и нејзините сојузници може целосно да го блокира предлогот уште пред формално да влезе во процедура.