Брисел ги менува правилата за проширување: Не сакаме тројански коњи

Европската комисија подготвува нов модел со строги безбедносни механизми и постепена интеграција за земјите кандидати.

Европската комисија подготвува сеопфатна реформа на процесот за проширување со која се воведуваат построги проверки и постепена интеграција за земјите кандидати, најави еврокомесарката Марта Кос во Загреб. Планот треба да овозможи функционирање на Унијата со повеќе од 30 членки и да спречи уривање на европскиот систем одвнатре. Рамката доаѓа пред клучната расправа на лидерите на Европската Унија закажана за октомври.

Светот се промени, па затоа мора да се менува и проширувањето, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос на Конференцијата на амбасадорите на Република Хрватска во Загреб. Според неа, Европската Унија се наоѓа пред нов хелсиншки момент, потсетувајќи на историскиот договор со кој по Студената војна во блокот влегоа десет нови држави.

Иницијативата детално анализира како би функционирала проширена заедница. Брисел со овој предлог презема иницијатива пред состанокот на европските лидери во октомври, каде што иднината на проширувањето ќе биде главна тема.

Новиот пристап предвидува земјите кандидати постепено да влегуваат во одредени европски политики и програми како што ги спроведуваат реформите, наместо да чекаат полноправно членство за каков било пристап. Истовремено, Брисел воведува механизми за суспензија и заштита, со цел идните членки да не можат да ги блокираат заедничките одлуки или да отстапат од владеењето на правото по зачленувањето.

Заштитните клаузули имаат цел да оневозможат влез на држави што би дејствувале како инструменти на трети сили во рамките на Унијата.

Кос во своето излагање ги издвои Црна Гора, која има најголем напредок во преговорите, како и Албанија поради исполнувањето на клучните услови во правосудството и владеењето на правото. Нагласен беше и техничкиот напредок на Украина и Молдавија, како и одлуката на Исланд за реактивирање на пристапниот процес.

Регионалниот контекст останува врзан за исполнувањето на строгите мерила, при што секоја земја ќе напредува исклучиво според сопствените реформски резултати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс