Search

Брашно од коски, плодна земја

Во еден грам почва има повеќе организми отколку што има луѓе на планетава. Затоа се вели дека во почвата се води постојана борба за опстанок со сите можни средства. Во исто време, невидливиот богат живот во почвата под земјата е можен само со тимска работа.  Човекот пак, е домаќин на во просек 38 трилиони бактериски клетки а, неговиот микробиом содржи габи, квасци, археи и вируси, но првенствено е составен од бактерии. Ова значи дека каде и да ве однесе животот, ве придружуваат вашите трилиони микроорганизми, вашиот единствен микробиом што ги населува сите површини на  телото, особено устата, цревата, вагината, кожата и очите и изнесува околу еден килограм од вашата телесна тежина. Дури и кога се чувствувате најосамено на свет, не сте! Коренот сака микробилошка размена, симбиоза, инаку ќе иструли. Микробиомот е пролетаријатот и штитот на вашето тело и нашите почви. Тие микроорганизми работат за вас и за нас и исчезнувањето на една колoнија на сметка на друга е сигурен пат до некаква болест – индвидуална и колективна!

Животот на земјата и на човекот е невозможен без микробиолошката заедница а, ова уште потемелно го потврдуваат и најновите сознанија во медицината кои покажуваат неверојатен прогрес во превенција и лекување на разноразни болести увидувајќи дека дисбалансот, тоест намалувањето на разновидноста на микробилошките популации, не само што доведува до болести на физичкото тело, туку може да предизвика и нарушено психичко здравје. Ниту почвата не е поштедена од овој факт и акт на самоуништување.

Неконтролираното користење на пестициди, испуштањето на антибиотици во почвата преку изметот на добитокот, глобалното затоплување, бруталната експлоатација со монокултури – меѓу другите суеверија на благостојбата во регрес, се погубни за диверзитетот на микробиомите во почвата и живите организми и ја ослабуваат нивната природна вештина да го оддржуваат своето здравје и да ги обавуваат своите задачи во рамките на  природните закони со коишто не се преговара.

Црното под нокти што во секојдневната популарната култура се користи за да се опише некој сиров, рурален, неисбрусен човек, не е ништо друго освен примерок од почва со којашто можеби некогаш сте имале интимен контакт заривајќи ги вашите прсти навикнати на тастатура, копчиња, тач скрин. Помеѓу вашите нокти и месото од врвовите на прстите се наталожува микробиомот на почвата што сте ја продреле и ако сте имале среќа таа да е плодна ви се обвиткал и дождовен црв во валканите дланки. Или можеби користите ракавици и не сакате да имате груби и изгребани раце како одгледувачката на рози или земјоделецот.

Понекогаш кога не можам да се справам со силните емоции кои ме преплавуваат и запаѓам во тотален meltdown,  ми се случувало да си ги заријам дланките во најблиската саксија и да пенетрирам во почвата на куќното растение за полека да дојдам до тој прекрасен смирувачки и абсорпирачки допир на свиленкастите конци што продираат кон дното и ѕидовите на саксијата и р’тат од коренот што не се гледа. Тоа ме смирува повеќе и од нежно гмечење на мачешки шепи, и сум си помислила дека можеби моево тело насобрало премногу струја и таа мора да се приземји некако, или пак сум го изгубила контактот со природата и со овој невообичаен чин сум компензирала со сиров инстинкт. Кој се гади од почвата? Во неа има црви, ларви, бактерии, бубачки, кртови и лигави работи, како и гранати и куршуми, од поновите археолошки примероци и разноразни отрови, пластика, батерии и сиот тој раскош на планетатa презагреана од изобилство.

За да го кажам ова ме поттикна перформансот EXTIMA: Плодна почва!, на Оља Грубиќ, инаку првиот дел од четиригодишниот проект под заеднички наслов. Токму со овој перформанс се отвори овогодинешниот фестивал за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО во организација на Tiiiit! Inc и во соработка со вмрежени колективи што еманципираат и негуваат запоставени и кревки а, сепак општествено витални и системски загрозени зони неопходни за живототворна општествена клима во екот на пребрзото менување на климатските и политичките режими.

Фестивалот Прво па женско ја преживеа својата прва деценија во контаминираната реалност на изминативе децении и трпеливо и грижливо ја облагородува почвата што носи еманципаторски плодови,  продлабочувајќи го разумот(како дождовен црв!), со умешно инволвирање на човечката болка и битие и севкупната планетарна штета, сега веќе и емпириски документирана а, стои пред свршен чин. Тоа се прави и со  музика, филм,литература, работилници, дискусии, предавања и политички активизам што резултирал и со системски промени.

Хол на МКЦ, бела транспарента подлога на којашто се појави Дино Милосављевиќ сеејќи зрна додека неговиот колега свиреше на гајда која ме разбуди од сонот на свилена буба во слана. Додека ние гледавме одозгора и се стишивме во исчекување, жени се ослободија од својата облека за да се протнат како од мајка родени под ткаенината што наликуваше на слана. Безгласно го започнаа својот танц на милоста и немилоста, продолжувајќи неуморно да работат и да продираат со силата и моќта на сопственото тело под површината што раѓа и умот што сочувствува. Акустичното доловување на процесот на обработка на земјата и крцкањето на бариерата помеѓу она што е над и под, соодветствуваше со глетката, до болка. Вредните прсти на жените што ползат со брзина и фигури што му станале туѓи на човекот ги направија и првите процепи од кои се излеваше крв, за потоа да изникне раскошна марула, долгнавеста краставица и робустен праз.

Крв! Како природен циклус на телото што раѓа и се подготвува за можен зародиш. Таквата крв им е туѓа само на оние што ја знаат или ѝ се поклонуваат ако е излеана за да донесе смрт и профит. Меѓу примамливите зелени плодови од локалниот пазар што беа дел од овој перформанс имаше никнато и рака и нога.

Ова беше најмоќната сцена што ме занеме и ме потсети на една стара тема што повторно стана актуелна минатата година откако професорот Tony Pollard Briefe од Универзитетот во Глазгов, инаку специјалист во областа на археологијата на бојното поле, ги објавил своите истражувања за мистериозниот случај со исчезнатите илјадници тела од една од најкрвавите битки во историјата на Европа – битката кај Ватерло(18.06.1815 ), мистерија за којашто имаат бележано и самиот Маркс но, и меѓудругите, еден британски трговец со лешеви.

И покрај големите загуби, до ден денешен се откриени премалку остатоци од загинатите војници а, се претпоставува дека загинале околу 60 000 луѓе. Точно 207 години по битката, неговата потрага по објаснување ќе биде објавена во Journal of Conflict Archaeology. Според неговите сознанија многумина го посетиле бојното поле одблизу за да посведочат на сцените на пустошот – други за да ги ограбуваат вредните работи на мртвите. Некои краделе дури и заби за да направат протези од нив а, меѓу нив била и една група што имала особена корист од битката – трговците со коски!

Има наоди за дел од лешевите што биле запалени но, во потрагата има докази за околу тринаесет илјади лешеви, и пронајдени екстремитети – отсечени раце и нозе. Каде се другите лешеви?
Во тоа време, коските се сметале за важна суровина за земјоделството. Тие биле преработувани во коскено брашно – „ефикасно ѓубриво“. Изворите од три написи во весници од 1820-тите кои Полард ги анализирал сугерираат дека остатоците од воените жртви биле користени и како ѓубриво во тоа време. Во историските наводи се споменувал и увозот на човечки коски од европските боишта за производство на ѓубрива.

Во последно време Маркс и Енгелс добиваат на популарност како рани еколози и тоа во времиња кога човештвото воопшто не ги разбирало и не можело да ги предвиди последици што денес ги нарекуваме климатски промени. Па, еве да прераскажам дека Маркс пишувал и за еколошкиот империјализам врз Ирска. Имено, еколошкиот империјализам на Англија кон Ирска се состоел во  извезување на ирската почва консеквентно околу век и половина, без да ги надомеси или врати основните компоненти за живот на така еродираните почви.
Со оглед на тоа што нејзината почва сè повеќе се исцрпувала во зародишот на изобилството, Британија увезувала и коски од наполеонските боишта и од римските катакомби, како и Гуано од Перу, сето тоа во очајнички обид да донесе нови хранливи материи на полињата.


Подоцна, откривањето на синтетички ѓубрива овозможува да се елиминира дефицитот на хранливи материи. Но, тоа нѐ носи таму кадешто сме сега – загадување на животната средина од вишокот на азот од ѓубривата и жртви што се засенети од прекрасните одори на перфектното човечко тело и униформираноста на омилените зеленчуци и овошја што стануваат сѐ поголеми и поблескави.
Капиталистичкото производство, шо би рекол Маркс, ја развива само технологијата и комбинацијата на општествениот производствен процес, а во исто време ги поткопува изворите на целото богатство а, тоа се земјата и работникот. Овој прекин во метаболизмот помеѓу човештвото и природата може да се надмине само  со системско враќање на овој метаболизам како регулирачки закон на општествената организација.

Истиот тој, дебел озлогласен Маркс, во своето време вели дека највисоката цел на технолошкиот прогрес не е безграничното размножување на материјални добра(за поседување), туку скратувањето на работниот ден и размножувањето на слободното време, за да се биде! 

И, шо би рекол Енгелс за природата и нас, да прераскажам во слободен превод: И, така сме со секој чекор потсетени дека ние во никој случај не ја владееме природата како освојувач на некој туѓ народ, како некој што стои надвор од природата, туку дека ние со месо и крв и мозок ѝ припаѓаме, и ѝ стоиме во средиштето, и дека целокупното владеење врз неа се состои во тоа, во предност на сите други суштества, да ги спознаеме нејзините закони, за да можеме да ги примениме правилно.

Радикалните промени треба да се случат пред сѐ во поимањето на светот имајќи ја во видик и предвид околината, наместо потрагата поплочена со нарцистички солзи по идентитетот и индивидуалната беспрекорност на човекот што верува дека Меркур само нему му е ретрограден и дека западот секогаш доаѓа од местото кадешто компасот не работи.

Да се вратам на мојата непосредна околина, растена покрај реката Вардар којашто некогаш имала грацка плажа и била погодно градско капалиште. Сега нема прочистителни станици што ја штитат реката во нејзиниот природен тек и не се знае што е поштетно за нејзиниот микробиом – политичките трговци со коски и бирократија, или нашите фекалии?!

Ни преостанува само културата како прочистителна станица и ете веќе четврта година по ред го имаме фестивалот „Крај Вардарот Џез“, во градот што може да биде културна престолнина на Европа  во 2028, благодарение на малкумина неуморни културни дејци што стојат пред бирократски и политички  абортус на оваа шанса и иницијатива што ја заслужува нашиот град со традиција и историја, многу подолга од краткотрајниот блиц на камерата што ги овековечува новопечената  градоначалничка и високите отци со круни, што ги бодрат своите верници да го фаќаат крстот во сопствените говна.

Фотографии: Соња Ставрова

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни