Францускиот ноар „Борго“ вечерва во Кинотека

Во рамки на месечните „Кино средби“, Францускиот институт во Скопје и Кинотека го прикажуваат современиот француски филм „Борго“ на Стефан Демустие, приказна за затвор, моќ, Корзика и барање што не може лесно да се одбие.

Францускиот институт во Скопје и Кинотека продолжуваат со месечните „Кино средби“, посветени на современи француски филмови. Во четврток, 28 мај, со почеток во 20 часот, во Кинотека ќе биде прикажан филмот „Борго“ од 2024 година, во режија на Стефан Демустие.

Во филмот играат Хафсија Херзи, Муса Мансали и Луј Меми, а проекцијата ќе биде со превод на македонски јазик.

Корзика, затвор и опасен нов почеток

„Борго“ ја следи Мелиса, 32-годишна искусна затворска чуварка, која со сопругот и двете мали деца се сели на Корзика. За неа, тоа треба да биде нов почеток, нова средина и нова можност.

Но затворот во кој почнува да работи не е обичен затвор. Таму правилата се поинакви, а односите на моќ не се секогаш таму каде што очекуваме. Во оваа установа, затворениците се тие што на некој начин ги надгледуваат чуварите.

Вклопувањето на Мелиса во новата средина го олеснува Савериу, млад, но влијателен затвореник, кој ја зема под своја закрила. Но кога ќе излезе на слобода, тој повторно ќе ја побара. Овој пат, не за помош, туку со барање што не може лесно да се одбие.

Оттука, приказната почнува да се расплетува како филм ноар во кој убавината на островот не може да го сокрие насилството што врие под површината.

Француските медиуми го опишуваат „Борго“ како едно од најсилните француски филмски остварувања на годината, филм што ги разобличува клишеата за Корзика и ја гради тензијата уште од првиот кадар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс