Единаесет блогери и инфлуенсери од неколку земји, предводени од босанскиот патописец Роберт Дацешин, поминаа 11 дена истражувајќи ги природните убавини, градовите и културното наследство на Босна и Херцеговина. Нивните впечатоци наскоро ќе бидат споделени со милиони следбеници на социјалните мрежи, со цел земјата да се претстави пред светската јавност преку автентични приказни.
Гостите ги посетија Сараево, Мостар, Коњиц, Бихаќ, Бања Лука, Јајце, Ливно и Требиње, а особено ги воодушевија реките, планините и можностите за авантуристички туризам, како рафтинг и кајак. Покрај природата, силен впечаток оставиле и локалната гастрономија и традиционалното гостопримство.
Неколкумина од блогерите истакнаа дека најголема вредност на земјата се луѓето, нивната отвореност и пријателскиот однос кон посетителите. Според нив, Босна и Херцеговина нуди уникатна комбинација од различни култури, богата историја и недопрена природа, што ја прави привлечна за туристи од целиот свет.
Организаторот Роберт Дацешин посочува дека целта на патувањето била инфлуенсерите лично да ја доживеат земјата и своите искуства искрено да ги пренесат до милионската публика. Токму таквите препораки, сметаат туристичките работници, имаат најголемо влијание врз современите патници, бидејќи доаѓаат од луѓе во кои нивните следбеници имаат доверба.
Пораката што сите учесници ја испратија по завршувањето на патувањето е иста – Босна и Херцеговина е дестинација што заслужува да биде откриена и доживеана.