Лабуристичката партија да ја стави политиката на јавни решенија пред внатрепартиската борба за лидерство, повика екс британскиот премиер Тони Блер.
Пораката доаѓа во момент кога владата на Кир Стармер се соочува со сè погласни критики за насоката во која ја води земјата.
Блер предупреди дека евентуална промена на лидерот нема да има смисла без јасна програмска ориентација. Според него, партијата најпрво треба да утврди каде стои за економијата, растот, технологијата, социјалните трошоци и енергетската политика, а дури потоа да расправа за имиња и лидерски амбиции.
Неговата интервенција доаѓа по објавувањето обемен есеј во кој ја критикува актуелната лабуристичка влада и оценува дека партијата ризикува нов изборен пораз доколку остане во, како што вели, сопствената зона на политичка удобност. Блер смета дека Лабуристите во 2024 година победиле повеќе затоа што биле прифатлива алтернатива на Конзервативците, отколку поради силата на сопствениот манифест.
Во центарот на неговата порака е ставот дека Британија мора посериозно да се соочи со технолошката промена, особено со вештачката интелигенција. Блер ја спореди АИ револуцијата со индустриската револуција и оцени дека таа ќе ја промени економијата, работните места, јавните услуги и начинот на управување, но дека таа сè уште не е доволно присутна во британската политичка дебата.
Поранешниот премиер бара и поостар фокус на економскиот раст, поддршка за бизнисот, преиспитување на растечките трошоци за социјална заштита и промена на дел од енергетските политики. Меѓу неговите најконтроверзни пораки се повиците за напуштање на ограничувањата за нафта и гас и за порагматичен однос кон администрацијата на Доналд Трамп.
Во Лабуристичката партија реакциите не беа едногласни. Дел од пратениците ја оценија интервенцијата како непотребна и лошо темпирана, особено во период кога партијата се подготвува за дополнителни изборни тестови. Други, пак, сметаат дека Блер повторно отвора стара расправа меѓу „старите“ и „новите“ лабуристи, во политички и економски контекст што денес е значително променет.
Дебатата е чувствителна и поради позицијата на самиот Блер во историјата на партијата. Тој останува најуспешниот изборен лидер на Лабуристите во поновата британска политика, но неговото наследство и натаму ја дели партијата – меѓу оние што го гледаат како модел за победа од центарот и оние што го сметаат за симбол на оддалечување од традиционалната социјалдемократска база.
За Стармер, пораката на Блер е дополнителен притисок во период кога владата мора истовремено да одговара на економски застој, високи социјални трошоци, незадоволство во јавниот сектор и раст на политичката конкуренција од десницата. Прашањето што Блер го отвори не е само кој треба да ја води партијата, туку дали Лабуристите имаат доволно јасен план за земја што бара повеќе од управување со статус кво.