Дата-центрите станаа нова воена мета во светските конфликти

Нападите врз Бахреин, ОАЕ и Иран покажаа дека серверските хали добија стратешка воена вредност.

Конфликтот и бомбардирањата на блискиот исток ги ставија дата-центрите во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Иран како воени мети.

Компаниите, владите, а особено операторите на дата-центри досега во голема мера ја потценуваа опасноста од физички напади, според Сем Винтер-Леви од фондацијата Карнеги за меѓународен мир. Фокусот бил речиси исклучиво на кибернетичките напади, додека можноста дата-центрите да станат директна воена мета едвај се земала предвид.

Речиси секоја дигитална услуга, од достава на храна и стриминг до интернет банкарство, зависи од дата-центри. Даниел Шиф, професор по технолошка политика на Универзитетот Пурдју, вели дека секој што отвора апликација на паметен телефон или пристапува до банкарски податоци, по правило користи компјутерски капацитети на некој дата-центар.

„Со нив сме во интеракција во текот на целиот ден, а честопати не сме ни свесни за тоа“, вели Шиф.

Станува збор за големи физички објекти со илјадници компјутери. Најмногу вакви објекти има во Соединетите Американски Држави, а следат Велика Британија и Германија.

Успешен напад врз дата-центрите би имал директни последици за секојдневниот живот. Комуникациските услуги би можеле да престанат да функционираат, финансиските трансакции би биле нарушени, а синџирите на снабдување прекинати. Нивното значење денес ја надминува цивилната примена, бидејќи модерните вооружени сили сè повеќе зависат од огромни количини податоци.

„Воените операции денес сè повеќе се потпираат на големи количини податоци“, објаснува Винтер-Леви. Сателитски снимки, снимки од дронови, обележувачки податоци и електронски надзор мора да се анализираат за кратко време, за што се потребни огромни компјутерски капацитети. Од сите тие податоци на крајот настануваат листи на цели за воени напади.

Дата-центрите се лесно воочливи мети, предупредува Шиф. Се наоѓаат на фиксни локации, економски се исклучително вредни и честопати не се директно интегрирани во воени објекти.

Веднаш во првите денови од конфликтот, иранските противнапади погодија дата-центри во Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, по што следеа контранапади врз објекти во Иран. Според Џерусалем пост, тие напади имале сериозни последици за делови од иранската војска. Одредени воени единици привремено не можеле да им исплаќаат плати на своите припадници бидејќи дигиталните системи за тоа биле оштетени. Обете страни во војната меѓу Русија и Украина, исто така, повеќепати напаѓале слични цели.

Физичкото уништување на една зграда може да предизвика штета каква што кибернетички напад можеби воопшто не може да ја постигне, вели Винтер-Леви. По нападите врз објектите во Бахреин и ОАЕ, Иран ги прошири заканите и првпат го насочи вниманието кон дата-центрите за вештачка интелигенција. Режимот објави список на таканаречени „Tech Targets“, на кој се најдоа Мајкрософт, Гугл и Нвидија. Истовремено, објави и видео во кое директно се закани на еден од најамбициозните ВИ проекти во земјите од Персискиот Залив, проектот „Stargate“, дата-центар вреден околу 30 милијарди американски долари, во кој учествуваат OpenAI, Oracle и Nvidia.

Напад врз таков објект би имал далекусежни последици, смета Винтер-Леви. Материјалната штета би можела да уништи инвестиции вредни повеќе милијарди долари, а на тоа би се придодале и економски и технолошки последици доколку престане да работи толку моќен систем за ВИ. Тој забележува сè поблиска соработка на големите американски компании за ВИ со американската влада, разузнавачките служби и војската, со што границата меѓу цивилната и воената употреба сè повеќе се брише.

Особено ранлив дел од многу дата-центри е системот за ладење, вели Винтер-Леви. Серверите и процесорите со високи перформанси произведуваат огромни количини топлина и мора постојано да се ладат преку таканаречени чилери, големи уреди клучни за работата на дата-центарот. Тие компоненти често се наоѓаат надвор од самата зграда, што ги прави полесна мета. „Ако ефтин дрон погоди таков чилер и го извади од функција на ден или два, тоа веќе може да предизвика големи пречки“, објаснува Винтер-Леви.

Дополнителен проблем е и големината на модерните дата-центри, кои често се простираат на комплекси со бројни згради и технички постројки. Тука се и роевите дронови, поголем број евтини дронови можат да ги совладаат дури и современите одбранбени системи.

„Доволно е да помине само еден единствен дрон“, вели Винтер-Леви.

е-Трн да боцка во твојот инбокс