Се приближува договорот за Гренланд: Безбедноста на Арктикот ќе стане поширока одговорност на НАТО

Пред договорот да стапи во сила, се очекува тој да биде разгледан и од парламентите на Данска и Гренланд

Данска, Гренланд и Соединетите Американски Држави се пред постигнување нов безбедносен договор со кој одговорноста за заштитата на Арктикот треба во поголема мера да ја преземе НАТО, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен.

Договорот се очекува да биде потпишан за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Според Расмусен, безбедноста на Гренланд повеќе нема да биде прашање само на Данска и САД, туку заедничка одговорност на Северноатлантската алијанса.

„Одговорноста нема да биде само данска или американска. Таа ќе биде пошироко втемелена во НАТО“, изјави шефот на данската дипломатија.

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека договорот на САД им обезбедува „трајна контрола“ врз безбедноста на Гренланд. Властите во Данска и Гренланд, сепак, нагласуваат дека суверенитетот и територијалниот интегритет на островот нема да бидат доведени во прашање.

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека договорот го почитува правото на самоопределување на жителите и дека островот нема да биде предаден под американска власт.

Новото решение треба да овозможи проширување на американското воено присуство и зајакнување на одбраната на Арктикот, но и да спречи воспоставување воено присуство на држави што не се членки на НАТО, пред сè Русија и Кина.

Засега не се објавени сите детали, вклучително и колку американски војници и воени капацитети би можеле да бидат распоредени на островот. Не е познато ниту дали договорот ќе го измени одбранбениот договор меѓу Данска и САД од 1951 година, врз чија основа функционира американското воено присуство на Гренланд.

САД денес ја користат вселенската база Питуфик, поранешната воздушна база Туле, која има важна улога во системите за рано предупредување од ракетни напади и во набљудувањето на вселената.

Гренланд има исклучително значајна геостратегиска положба меѓу Северна Америка и Европа, како и големи резерви на ретки минерали. Неговото значење дополнително расте поради топењето на арктичкиот мраз, отворањето нови поморски рути и засилената активност на Русија и Кина во регионот.

Договорот следува по повеќемесечни тензии предизвикани од изјавите на Трамп дека САД мора да го контролираат Гренланд поради националната безбедност. Данска, Гренланд и повеќе европски држави тогаш порачаа дека за иднината на островот можат да одлучуваат единствено неговите жители.

Пред договорот да стапи во сила, се очекува тој да биде разгледан и од парламентите на Данска и Гренланд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс