Потврдени осум случаи на западнонилска треска во Скопје и Велес

Петмина пациенти се хоспитализирани на Инфективната клиника, а здравствените власти наложија дезинсекција во општините.

Вкупно осум случаи на западнонилска треска се регистрирани во Скопје и Велес од почетокот на годината, што е највисока бројка во последната деценија. На Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани петмина пациенти над 60-годишна возраст, од кои еден 76-годишен маж е во тешка состојба на респираторна поддршка. Според епидемиолошките анкети, само двајца од заболените патувале во Грција, додека останатите се заразиле во земјава.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, соопшти дека кај тројца од хоспитализираните пациенти е дијагностицирано воспаление на мозокот и мозочните обвивки. За нив се чекаат финални лабораториски резултати од Институтот за јавно здравје за потврда на инфекцијата на централниот нервен систем со вирусот.

Цана објасни дека кај дел од инфицираните болеста минува со лесна клиничка слика или асимптоматски. Неуроинвазивната форма се јавува кај околу еден процент од сите случаи, но во земјава се забележува нивно зачестување.

По зголемувањето на бројот на заразени, заседаваше Комисијата за заштита од заразни болести. Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат добил насока да ги преконтролира фазите на дезинсекција во сите општини.

Според првичните контроли, програмите за дезинсекција се завршени во сите значајни општини, освен во неколку помали населени места кои се оддалечени од регистрираните жаришта во Скопје и Велес.

Западнонилската треска се пренесува исклучиво преку убод од заразен комарец и не се пренесува од човек на човек, со исклучок на трансфузија на крв или трансплантација на органи.

Покрај овој вирус, во државата годинава се евидентирани четири случаи на маларија, три случаи на денга и еден случај на зика. Најголем дел од овие инфекции се увезени преку патувања во Малдивите и Занзибар, поради што здравствените власти препорачуваат примена на заштитни мерки при патување во ризични региони.

е-Трн да боцка во твојот инбокс