Природната пластика е храна за животните: Откриен заборавен синџир во екосистемот

Микробиолошкото откритие на институтот „Макс Планк“ покажува дека полихидроксиалканоатите се природна храна, а не само индустриски биопластичен материјал.

Научниците од Институтот за морска микробиологија „Макс Планк“ открија дека голем број животински видови разградуваат и користи за исхрана биопластика создадена од микроорганизми. Истражувањето објавено во списанието Nature Ecology & Evolution покажува дека процесот кој досега се сметаше за резервиран исклучиво за бактериите е распространет низ повеќе животински родови, менувајќи го сфаќањето за кружењето на јаглеродот во природата.

Сè започна со истражувањето на морскиот црв Olavius algarvensis, специфичен организам од Медитеранот кој нема ниту уста ниту дигестивен систем. Овој вид преживува преку симбиоза со бактерии под сопствената кожа, од кои директно апсорбира хранливи материи.

Истражувачите забележаа дека бактериските симбионти складираат значајни количини јаглерод во форма на полихидроксиалканоати (PHA), биопластика што микроорганизмите ја произведуваат како енергетска резерва. Лабораториските анализи потврдија дека црвот поседува специфичен ензим кој ја разградува оваа биопластика во поедноставни молекули што неговиот организам ги користи за енергија.

По првичното откритие кај морскиот црв, научниот тим го прошири пребарувањето низ генетичките бази на податоци од целото животинско царство. Резултатите покажаа дека сродни ензими за разградување на PHA биопластика се присутни во над 66 животински видови од девет различни типа.

Ензимите кои овозможуваат разградување на природниот полимер беа потврдени кај морски ѕвезди, земјени црви, сунѓери и колемболи. Ова потврдува дека способноста за дигестија на микробиолошки полимери е универзална еволутивна адаптација што постои со стотици милиони години, а овозможува јаглеродот складиран во бактериите директно да преминува во животинскиот синџир на исхрана.

Полихидроксиалканоатите денес се произведуваат во индустриски ферментатори преку обработка на шеќери и растителни масла за создавање разградливи пакувања, медицински конеци и земјоделски облоги. За разлика од традиционалните пластики добиени од нафта, PHA полимерите се целосно биолошки разградливи.

Новите сознанија за природните ензими кај животните нудат патоказ за создавање поефикасни технологии за разградување на биопластиката и подобрување на нејзиниот индустриски циклус. Познавањето на точниот начин на кој природата управува со овие материјали е од клучно значење за транзицијата кон одржливи материјали со минимален отпечаток врз животната средина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс