Вештачката интелигенција бара строги ограничувања, бидејќи штетата по општеството може да ги надмине потенцијалните придобивки, предупреди соосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, во својот последен есеј објавен на блогот „Гејтс ноутс“. Според него, одлуките што светот ги носи денес ќе одредат дали новата технологија ќе биде алатка за еднаквост или извор на длабока неправда. Тој посочува дека светските лидери и институциите немаат јасен план за ублажување на ударот врз работните места.
Гејтс во својот текст под наслов „Турбулентната ера на вештачката интелигенција пристигна“ истакнува дека претстојната технолошка револуција ќе биде значајно пораззорна од претходните. Тој оценува дека општествата влегуваат во еден од најнестабилните периоди во историјата без соодветна институционална подготовка.
Не постојат докази дека политичките лидери, експертите и заедниците се соочуваат со овие предизвици на соодветен начин, пишува Гејтс, додавајќи дека отсуствува каква било конкретна стратегија што би го олеснила влезот во новото технолошко доба.
Иако препознава огромен потенцијал за примена во земјоделството и здравството, особено во превенцијата и лекувањето на болести, Гејтс посочува дека цената на транзицијата може да биде превисока доколку изостане строга регулатива.
Меѓу најголемите опасности ги наведува бранот на масовна невработеност и потенцијалното нарушување на образовниот и општествениот развој. Однесувањето на одредени модели на вештачка интелигенција и брзината со која се менува пазарот на труд бараат итни законски рамки пред технолошкиот развој целосно да излезе од општествена контрола.