Со 40 камери од „Безбеден град“ ќе се казнува во Охрид и Струга пред туристичката сезона

Во Охрид и Струга се поставуваат 40 сообраќајни камери од системот „Безбеден град“, а целосната примена се очекува пред туристичката сезона.

Во Охрид и Струга се поставуваат сообраќајни камери што прво ќе се тестираат, а целосната примена се очекува пред почетокот на туристичката сезона.

Во Охрид и Струга започна поставувањето на вкупно 40 сообраќајни камери како дел од системот „Безбеден град“, кој треба да помогне во намалување на сообраќајните прекршоци и зголемување на безбедноста на патиштата.

Камери веќе се поставуваат на кружните текови на двата влеза во Охрид и во централното градско подрачје. Претходно, четири камери беа инсталирани и на патниот правец Охрид–Кичево, во близина на селата Горенци и Требеништа, како и кај Ботун и Ново Село во Општина Дебрца.

Целосната примена на системот се очекува пред почетокот на туристичката сезона. Во моментов камерите се во фаза на техничко тестирање и прекршоците сè уште не се санкционираат.

„Сè до тој момент, додека не се вклучат целосно овие камери на ‘Безбеден град’, полициските службеници од сообраќајната полиција вршат интензивни контроли со мобилни електронски камери. Целта на нивното вклучување е зголемување на сообраќајната безбедност и намалување на можностите за сообраќајни незгоди“, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Од полицијата велат дека проектот има цел да го намали бројот на сообраќајни несреќи и прекршоци, особено во периоди на зголемена фреквенција на сообраќај. Во туристичките зони најчести проблеми се брзото возење, опасното претекнување и непрописното паркирање.

Од СВР Охрид најавуваат дека пред целосното активирање на системот, јавноста ќе биде навремено информирана за локациите на камерите, видот на прекршоците што ќе се санкционираат и мерките за заштита на личните податоци, согласно законските правила.

Според полициската статистика, во првите два месеца од годинава на ова подрачје се случиле 15 сообраќајни несреќи. Во истиот период лани биле регистрирани 19, па според Димоски, досегашните мерки веќе даваат резултати.

Системот „Безбеден град“ веќе функционира во Скопје, Куманово и Тетово, каде по тест-периодот што започна на 1 декември 2025 година, казнувањето почна на 1 февруари 2026 година. Најавено е дека системот постепено ќе се проширува и во други делови од државата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни