Реплика на познатиот споменик Порта на Индија, направена од белгиско чоколадо, се скрши за време на транспортот кон Њу Делхи. Белгискиот премиер Барт Де Вевер планираше лично да му го предаде овој необичен чоколаден подарок на Моди за време на нивната средба, но наместо целосна скулптура, индискиот премиер доби дипломатско извинување со насмевка.
На заедничката прес-конференција со индискиот премиер Нарендра Моди, Де Вевер реши отворено да се пошегува со сопствениот дипломатски пех. Тој објасни дека скулптурата била направена од најдоброто белгиско чоколадо, но не ја преживеала рутата.
„За разлика од вистинската Порта на Индија која стои речиси цел век, чоколадната верзија не го издржа ниту патот до Индија. Чоколадото е одлично за дипломатија, но не и за дипломатски патувања“, изјави Де Вевер.
Белгискиот премиер додаде дека во Брисел веќе чуваат резервен примерок. Тој вети дека втората верзија на споменикот ќе пристигне до кабинетот на Моди во едно парче.
Слаткото изненадување имаше многу посериозна заднина од обичен протоколарен гест. Споменикот Порта на Индија во Њу Делхи е воен меморијал посветен на паднатите борци. Со чоколадната реплика, белгиската влада сакаше да им оддаде почит на над 9.000 индиски војници кои се бореа и загинаа на белгиско тло, во регионот Фландрија, за време на Првата светска војна.
Покрај разговорот за историските врски и скршениот подарок, двајцата премиери ги насочија средбите кон конкретна соработка. Де Вевер и Моди договорија засилено партнерство во одбраната, сузбивањето на организираниот криминал и проектите за обновлива енергија. Белгискиот премиер упати и официјална покана до Моди да го посети Брисел.
Ова не е прв пат дипломатските податоци да завршат неславно. Историјата на протоколарни подароци памети низа бизарни моменти.
Државата Мали своевремено му подари жива камила на поранешниот француски претседател Франсоа Оланд во знак на благодарност за воената помош. Бидејќи претседателот не можеше да го поведе животното во Париз, камилата остана кај локално семејство во Тимбукту. Неколку недели подоцна, семејството ја закла и ја изеде. Во 2014 година, тогашниот американски државен секретар Џон Кери на средба во Париз му подари два џиновски компири од Ајдахо на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.