Белгија ја разгледува и продажбата на кралските накити за да ја затвори буџетската дупка

Белгија бара начин да затвори буџетска дупка од околу седум милијарди евра, а меѓу повеќе од 250 предложени мерки се најде и идејата за продажба на кралските накити. Предлогот е дел од поширок пакет што економисти, институции и експерти ѝ го доставиле на владата на премиерот Bart De Wever.

Во каталогот мерки има и политички почувствителни предлози, како повисок ДДВ, промени во системот на автоматско усогласување на платите со инфлацијата, поголеми даноци на приходи од имот, кратење субвенции и преиспитување на најавените даночни олеснувања. Според The Brussels Times, токму овие мерки би имале поголем фискален ефект, но и посилен политички отпор.

Федералното биро за планирање нагласува дека списокот не претставува владина одлука, туку каталог на можни опции. Конечниот избор ќе зависи од тоа што владата ќе оцени како политички изводливо.

Во Белгија секое отворање на прашањето за автоматската индексaција на платите се смета за чувствителна тема, бидејќи системот ги штити платите, пензиите и надоместоците од инфлацијата. Идеите за повисоки даноци на богатство, намалување субвенции и поголеми доплати во здравството исто така предизвикуваат отпор.

Затоа продажбата на кралските накити, иако веројатно не е најзначајната мерка по финансиски ефект, стана најсимболичната слика на белгиската буџетска дебата. Белгиските медиуми јавуваат дека предлозите во владата биле пречекани резервирано и дека буџетските преговори би можеле да се одолговлечат ако не се постигне договор до националниот празник на 21 јули.

е-Трн да боцка во твојот инбокс