Белгија воведува построги услови за странски студенти

Белгија ги заострува правилата за странски студенти, со нови услови за академски напредок, траење на студиите и издавање студентски визи.

Белгиската влада претстави нови мерки со кои се заоструваат условите за странските студенти кои сакаат да студираат во земјата или да ја продолжат дозволата за престој, објави агенцијата „Белга“.

Властите наведуваат дека целта е да се спречат можни злоупотреби на системот за студентски визи и дозволи за престој.

Според новите правила, странските студенти ќе мора да покажат побрз академски напредок. Во првите две академски години ќе треба да остварат најмалку 60 ЕКТС-кредити, а потоа најмалку 40 кредити годишно.

Белгиската влада планира и појасно да го дефинира максималното времетраење на различните студиски програми, вклучувајќи дипломски студии, специјалистички програми, сертификати и докторски студии.

Со новите мерки властите сакаат да ја спречат и практиката со која дел од студентите го продолжуваат престојот во земјата преку чести промени на студиските програми.

Построги правила ќе важат и за издавање визи на студенти кои се запишуваат во установи што не се официјално признати. Тоа се однесува на одредени уметнички школи и приватни бизнис-школи кои немаат соодветно одобрение од белгиските власти.

Со ова Белгија се приклучува на низа европски земји кои во последните години ги заоструваат условите за странски студенти, во обид да ја ограничат злоупотребата на студентските визи како начин за подолгорочен престој во Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс