Скопје во сабота цела ноќ будно за уметност и музика

Игор Џамбазов, домашни бендови, берлински диџеи и отворени галерии ќе го исполнат градот на овогодишната Бела ноќ.

Главниот град во сабота, на 3 октомври, ќе функционира во непрекинат ритам од пладне до раните утрински часови во рамки на културната манифестација Бела ноќ 2026. Настанот, организиран од ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, опфаќа паралелни програми на повеќе урбани точки: концерти на отворено, изложби во националните галерии, целовечерни диџеј-сетови и содржини за деца. Централните случувања се закажани на платото пред Националната опера и балет, во Градскиот парк и низ Старата скопска чаршија.

Музичката програма на плоштадот „Мајка Тереза“ пред Националната опера и балет стартува уште во попладневните часови. Најмладата публика од 18:00 часот ќе ги следи настапите на детскиот фестивал „Поточиња“ и интерактивната претстава на „Театар за тебе“.

Вечерниот дел започнува во 19:30 часот со настап на DJ Bono, по што сцената во 20:30 часот ја презема составот „Допамин бенд“. Главниот концертен блок е резервиран за 22:00 часот, кога настапуваат Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“. По полноќ, платото преминува во клупски подиум на отворено со сетовите на DJ Tammy и DJ Toshevv.

Љубителите на електронската сцена имаат две главни дестинации. Просторот околу фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк од 20:30 часот ќе понуди динамична програма што ја отвораат Flooder & Vaso. Во 22:00 часот таму продолжува DJ Vecky – Fluere, додека терминот точно на полноќ го презема Invictoz – Sempre.

Истовремено, платото пред Музејот на современата уметност ќе биде домаќин на четвртото издание на „IN BETWEEN“. Почетокот е закажан за 20:00 часот, а главниот фокус е ставен на настапот на DJ AYŪ од Берлин, заедно со домашната поддршка од диџеите Peneva, Stefan Strange, Bole и Luka. За љубителите на поинаков звук, на Боемската улица во Дебар Маало ќе свират Владимир Поповски со бенд и DJ Тоше Вељанов.

Покрај музичките бини, манифестацијата отвора низа изложбени простори низ целото градско јадро. Во Домот на градежниците ќе бидат поставени самостојната изложба на Марија Рашковиќ и групната поставка „Вортекс“. Националната галерија се вклучува преку објектот Чифте амам со поставката „Пресек“ на Ирена Паскали, додека во Мала станица ќе може да се погледне мултимедијалниот проект „Меѓу светови“ на Воскресија Андреевска.

Археолошкиот музеј ќе работи со бесплатен влез за сите граѓани преку специјалната програма „35 предмети, 35 приказни“. Литературниот сегмент се одвива во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, каде напладне се организира ликовната работилница „Нацртај песна“, а во 19:00 часот се отвора изложбата „Види ја поезијата“. Дел од манифестацијата се и Младинскиот културен центар, Мостот на уметноста и Музејот на град Скопје, чии врати остануваат отворени до 03:00 часот по полноќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс