„Добар ден, денес нема вести“: Легендарниот пренос на BBC и денешниот медиумски хаос

Во 1930 година BBC пушти класична пијано музика наместо вести, а денес информативниот циклус не запира ниту за момент.
Фото: Thomas Meier, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

На 18 април 1930 година, во 20:45 часот, дикторот на BBC го испорача еден од најкратките преноси во историјата: „Добро вечер. Денес е Велики петок. Нема вести“. Студиото потоа премина на пијано-музика. Речиси еден век подоцна, модерниот новинарски циклус функционира под сосема поинаков притисок, каде тишината во етерот или на насловните страници веќе не е опција.

Објаснувањето за овој необичен момент од 1930 година е помалку мистериозно отколку што сугерира неговата популарност на социјалните мрежи. Во тоа време BBC сè уште не бил новинска организација во модерна смисла. Радиото било млад медиум, а корпорацијата посветувала само петнаесетина минути дневно на вести, главно преземени од телеграфски агенции и владини соопштенија.

На тивок Велики петок, со затворени институции и без информации на телеграфските линии, одговорот бил искрен. Дикторите, кои тогаш биле анонимни и носеле смокинг во знак на почит кон изведувачите, едноставно го препуштиле терминот на музиката пред преносот на операта „Парсифал“ од Куинс хол во Лондон.

Контрастот со денешното известување е очигледен. Кога BBC се наврати на оваа приказна на нејзината 87-годишнина во 2017 година, истиот ден британската премиерка свика предвремени избори. Веста веднаш се рашири преку известувања за вонредни вести, живи блогови, анализи и телевизиски коментари. На истиот датум медиумите известуваа за нова руска воена база на Арктикот, севернокорејско лансирање ракета и француските претседателски избори.

Сега, уште девет години подоцна, во 2026, разликата е уште подрастична. Само во последните месеци, светот е зафатен со продолжен конфликт меѓу САД и Иран, со дневни воздушни напади и одмазднички удари во Ормускиот теснец. Русиja и Украина продолжуваат размена на удари, со цивилни жртви кои растат за десетина проценти секоja година, додека напади со дронови погаѓаат градови далеку од линијата на фронтот. Пожарите во jужна Европа принудуваат стотици илјади луѓе да се евакуираат секое лето, а климатските катастрофи веќе не се исклучок, туку редовна ставка во дневниот новинарски циклус.

Кон сето тоа се додава непрекинат тек на технолошки вести, AI-компаниите кои се натпреваруваат за доминациja додека истовремено предупредуваат за сопствените ризици, финансиски пресврти, политички скандали, промени на владите, и секако, забавни вести кои течат паралелно, познати личности, скандали, вирални моменти кои траат неколку часа пред да бидат заменети со следните.

Дел од оваа промена е од структурна природа. Во 1930 година BBC немал конкуренција што се борела за истата публика, ниту рекламен модел кој ја казнува тишината. Модерните редакции работат под спротивен притисок.

Празен термин или празна насловна страница значи загуба на читатели и приходи. Поради тоа, уредниците го пополнуваат просторот со анализи, шпекулации и мали промени во настаните, додека ознаката за вонредни вести се користи и за информации што порано не би се сметале за вест.

Во 1930 година можноста за известување надвор од Велика Британија била ограничена и зависела од бавни телеграфски депеши. Тивок ден во Лондон најчесто значел тивок ден и во етерот.

Денес секоја редакција има моментален пристап до настани од секој континент, а социјалните мрежи овозможуваат информациите да стигнат до публиката без да чекаат уредничка проценка. Прашањето веќе не е дали нешто се случило, туку која од стотиците вести го заслужува вниманието на публиката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс