Еден од најголемите стравови кај потенцијалните купувачи на електрични автомобили е трајноста на батеријата и високата цена за нејзина замена. Години наназад се ширеше мислењето дека батериите по неколку години стануваат речиси неупотребливи, но најновите анализи од реалната употреба покажуваат сосема поинаква слика.
Современите батерии не само што траат подолго, туку во многу случаи ги надминуваат првичните очекувања на производителите.
По пет години батериите задржуваат околу 95% од капацитетот
Студија на компанијата за анализа на батерии Recurrent, базирана на податоци од повеќе од 30.000 електрични возила, покажува дека просечно електрично возило по пет години користење задржува околу 95% од оригиналниот капацитет и досегот.
Податоците покажуваат дека по три години користење батериите во просек задржуваат околу 97% од првичниот досег, што е значително подобро од стравувањата што постоеја во раните години на електромобилноста. Причините за подолгиот век на траење се подобрената хемија на батериите, напредните системи за управување со температурата и софтверските решенија кои го намалуваат оптоварувањето врз ќелиите.
Замената на батериите станува исклучително ретка
Стравот дека сопствениците често ќе мораат да менуваат скапи батериски пакети сè повеќе се покажува како неоправдан. Кај електричните автомобили произведени во периодот од 2011 до 2016 година, приближно еден од 12 автомобили имал потреба од замена на батеријата.
Кај моделите произведени од 2022 година наваму, бројката е падната на само 0,3 проценти.
Брзото полнење не е толку опасно како што се мислеше
Една од најчестите дилеми кај сопствениците на електрични автомобили е дали честото користење брзи DC полначи ја уништува батеријата. Иако брзото полнење може малку да го забрза стареењето во споредба со побавното AC полнење дома, разликата е помала од очекуваното.
Според податоците на компанијата Geotab, батериите кои често се полнат со брзи полначи задржуваат околу 89,7% од капацитетот по неколку години, додека оние што се полнат побавно околу 94,9%. Современите системи за управување со батеријата (BMS) ги штитат ќелиите од преголем стрес и го регулираат процесот на полнење.
Како да се продолжи животот на батеријата?
Експертите најчесто препорачуваат: одржување на наполнетоста меѓу 20 и 80 проценти, избегнување често празнење до нула, избегнување постојано полнење до 100 проценти ,заштита од екстремни температури и умерен стил на возење без чести нагли забрзувања.
Недовербата останува најголема пречка
И покрај позитивните податоци, стравот од скапи поправки сè уште влијае врз одлуките на купувачите. Истражувањата покажуваат дека токму можната замена на батеријата е една од главните причини поради кои дел од возачите сè уште избегнуваат електрични автомобили.
Цената за целосна замена на батериски пакет може да се движи од 5.000 до над 20.000 евра, зависно од моделот. Сепак, во практика сè почесто се менуваат само неисправни модули, што значително ги намалува трошоците.
Состојбата на батеријата ќе биде клучна за пазарот на половни електромобили
Со растот на пазарот на половни електрични автомобили, купувачите сè повеќе ќе бараат јасни информации за состојбата на батеријата. За разлика од класичните автомобили каде се проверуваат моторот и механичките делови, кај електромобилите најважната компонента е батеријата.
Затоа експертите сметаат дека сертификатите за здравје на батеријата (SoH – State of Health) ќе станат неопходен стандард при продажба на половни електрични возила.