Најмалку 21 загинат во масовниот руски балистички напад врз Киев

Москва истрела 24 балистички ракети, а Украина не успеа да пресретне ниту една поради недостиг на системи Патриот.

Русија ноќеска го изведе еден од најсмртоносните напади врз Киев и неговата околина годинава, при што загинаа најмалку 21 лице, а десетици се повредени. Во масовниот удар со балистички проектили и дронови беа погодени стамбени згради и цивилна инфраструктура. Украинските власти соопштија дека противвоздушната одбрана не успеала да собори ниту една од 24-те балистички ракети, што повторно го отвори прашањето за каснењето на западната воена помош.

Според податоците на украинското воено воздухопловство, руските сили во нападот искористија 24 балистички и четири противбродски проектили, како и 115 дронови. Од нив, украниската одбрана собори 98 беспилотни летала, но ниту еден балистички проектил.

Спасувачките екипи со часови ги пребаруваа рушевините на погодените стамбени објекти, железничката станица и складиштата во и околу Киев. Пожари беа регистрирани на повеќе локации, опфаќајки површина од над 230.000 квадратни метри. Покрај главниот град, напади беа забележани и во регионите на Запорижје, Доњецк и Харков.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека жртвите можеле да бидат избегнати доколку сојузниците навремено ги испорачале потребните ракети за американските системи Патриот, кои се единствените способни да соборуваат балистички ракети.

Според Зеленски, западните партнери оваа година значително ги намалиле испораките на противвоздушна муниција, што директно влијае врз заштитата на цивилното население. Киев веќе со месеци бара итно дополнување на овие одбранбени капацитети.

Руското Министерство за одбрана потврди дека извело напади во регионот на Киев, но соопшти дека цел биле воени логистички центри, објекти за складирање опрема и капацитети за производство на дронови. Руските власти исто така наведоа дека погодиле три карго брода во близина на Одеса за кои тврдат дека пренесувале оружје.

Истовремено, руските власти објавија дека украински дрон предизвикал пожар во складиште во Тулската област во Русија. Киев и Москва продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за напади врз цивилни цели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс