Изданието „Бајки од Македонија“, создадено во соработка меѓу Движењето за поддршка на креативноста „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, од следната учебна година официјално влегува во наставната програма за основно образование и станува дел од редовните лектири за четврто одделение.
Проектот, кој повеќе од една деценија се реализира во чест на Иво Лауренчиќ, е замислен како начин народното творештво да им се доближи на децата преку современ јазик, нови илустрации и креативен пристап. Со вклучувањето во образовната програма, „Бајки од Македонија“ добива институционална потврда како издание со образовна, културна и национална вредност.
Од Движењето „Браво сине!“ велат дека нивната цел била да ја поддржат креативноста, да го оживеат народното творештво за новите генерации и да создадат дело што ќе остане трајна вредност. Од „Арс Ламина“, пак, истакнуваат дека проектот е резултат на уредувачка и издавачка визија насочена кон квалитетна литература за најмладите, која е истовремено современа, блиска и вредна за децата.
Едицијата започнала како конкурс за млади дизајнери, илустратори и автори, кои преку отворен повик добиле можност да дадат свој придонес во новото претставување на традиционалните македонски приказни. Со ова, проектот од креативна иницијатива прераснува во редок пример на идеја што почнала како поддршка за млади таленти, а сега станува дел од националниот образовен процес.
Во рамки на досегашната соработка меѓу „Браво сине!“ и „Арс Ламина“ се издадени 80 бајки и четири басни од Македонија. На јавните конкурси се пријавиле над 100 илустратори и повеќе од 300 автори, кои доставиле над 440 текстови. Дел од изданијата се преведени на седум светски јазици, како и на Брајова азбука, а добитници се и на повеќе домашни и меѓународни награди.
Движењето „Браво сине!“ го носи името на Иво Лауренчиќ, еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг-индустрија, кој во текот на својата работа постојано ги поддржуваше младите и нивниот креативен потенцијал.