Автомобил доцна синоќа удри група луѓе во градот Нојштат ам Рибенберге, во северна Германија, при што беа повредени четири или пет лица, соопшти полицијата. Инцидентот се случил во сојузната покраина Долна Саксонија, северозападно од Хановер. Некои од повредените се здобиле со потешки повреди, но сите биле пренесени во болница и, според последните информации, се надвор од животна опасност.
Полицијата пукала кон автомобилот, но тој избегал
Полициски службеници што во близина вршеле редовна сообраќајна контрола го забележале инцидентот нешто пред полноќ. Во обид да го запрат автомобилот, полицајците отвориле оган, потврди портпаролка на полицијата, пренесува „Индекс“, повикувајќи се на порталот „Еков“. Сепак, возилото успеало да избега од местото на настанот.
Во потрагата по еден или повеќе осомничени се вклучени голем број полициски службеници, како и полициски хеликоптер.
Првичните наоди од истрагата укажуваат дека учесниците во инцидентот веројатно се познавале меѓусебно. Засега не се соопштени дополнителни детали за мотивот, идентитетот на осомничените или околностите под кои автомобилот удрил во групата луѓе. Истрагата продолжува.
