Австриските медиуми во финансиска криза: Над 1.000 отпуштања и блокирани државни субвенции

Медиумските организации бараат распределба на над 120 милиони евра од приходите од дигиталниот данок, но засега не се исплатени ниту претходно одобрените околу 20 милиони евра.
фото: Yellow.Cat'

Медиумскиот сектор во Австрија се соочува со сериозна финансиска криза, при што повеќе од 1.000 новинари и медиумски работници останале без работа од почетокот на годината, а бројот би можел да се удвои до крајот на 2026 година. Причина за ваквиот развој, според австрискиот портал OE24, е и блокадата на планираните медиумски субвенции од страна на вицеканцеларот и министер за медиуми Андреас Баблер.

Во изминатите месеци повеќе големи медиумски куќи во земјата спровеле отпуштања, меѓу кои „Kleine Zeitung“, „Kurier“, „Standard“, „Presse“ и „Heute“, додека во приватниот телевизиски сектор се пријавени нови кратења на работни места во Puls24, ATV, Puls4 и „Servus TV“. Според извештаите, дополнителни намалувања се очекуваат и во компанијата „Sky“, што дополнително ја продлабочува кризата во индустријата.

Одредени аналитичари, цитирани од OE24, оценуваат дека блокадата на субвенциите дополнително го влошува медиумскиот пејзаж, додека дел од медиумските здруженија предупредуваат на политички притисоци и доцнење во исплатата на средствата наменети за дигитална трансформација и поддршка на печатените медиуми.

Медиумските организации бараат распределба на над 120 милиони евра од приходите од дигиталниот данок, но засега не се исплатени ниту претходно одобрените околу 20 милиони евра.

Проблеми се регистрирани и кај субвенциите за дистрибуција на печатени медиуми, кои остануваат блокирани поради политички несогласувања околу моделот на распределба. Дел од медиумите предупредуваат дека евентуални постапки пред институциите на Европската Унија дополнително би можеле да го одложат процесот.

Во меѓувреме, буџетот за државно рекламирање е значително намален, а и локалните власти, вклучително и градот Виена, исто така ги скратиле средствата за медиумите, иако најавиле нови програми за поддршка кои сè уште не се исплатени. Медиумските куќи и здруженија предупредуваат дека продолженото доцнење или укинување на субвенциите може да има долгорочни последици врз одржливоста на австрискиот медиумски сектор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс