Австрија предупредува на недостиг на гориво поради кризата во Иран

Австрија предупредува на можен недостиг на гориво во мај поради кризата во Иран. Можно е зголемување на цените и активирање на државните резерви за снабдување.

Австрискиот министер за енергетика Волфганг Хатмансдорфер предупреди дека Европа би можела да се соочи со недостиг на гориво во мај, како последица на нарушувањата во испораките предизвикани од конфликтот во Иран. Тој најави дека, доколку биде потребно, државата ќе интервенира со користење на стратешките резерви за да се обезбеди снабдувањето.

„Прекините во испораките во последните недели ќе стигнат и до Европа со временско задоцнување“, изјави Хатмансдорфер во Њу Делхи, пренесува порталот „Oe24“. Според него, Европа би можела да се соочи со недостиг од околу пет проценти дизел и 15 проценти керозин, поради намалените испораки.

Тој предупреди дека ваквиот развој може да влијае врз цените на горивата, истакнувајќи дека Австрија е особено зависна од стабилно снабдување со керозин, најголемиот дел од кој се произведува во блиска рафинерија за аеродромот Швехат.

„Главниот проблем настанува кога авионот е пренасочен кон друга дестинација“, додаде министерот, нагласувајќи дека Австрија се подготвува за најлошото можно сценарио, иако државните резерви сè уште не се активирани.

Владата во Виена паралелно апелира до граѓаните за поумерена потрошувачка на енергија и зголемена енергетска ефикасност. Хатмансдорфер истакна дека „секој треба да размисли каде може да заштеди енергија“, додавајќи дека доколку дојде до недостиг, ќе се разгледаат дополнителни мерки.

Во јавноста се отвори и прашањето за можни ограничувања во продажбата на гориво за странски возила, но дел од официјалните претставници изразија скепса кон вакви мерки, оценувајќи дека тие би можеле да имаат негативни економски ефекти и да доведат до поскапувања.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни