Австралиската стенд-ап сензација Амос Гил се враќа во Скопје на 22 јули во Public Room

Еден од најострите, најбрзите и најпровокативни гласови на современата стенд-ап комедија, австралискиот комичар Амос Гил, на 22 јули ќе настапи на летната тераса на Public Room

По настапите со Џим Џефрис на европската турнеја, еден од најбескомпромисните комичари на денешницата ја носи во Скопје својата наградувана претстава „The Pale, Stale, Straight White Male“.

Еден од најострите, најбрзите и најпровокативни гласови на современата стенд-ап комедија, австралискиот комичар Амос Гил, на 22 јули ќе настапи на летната тераса на Public Room, каде пред македонската публика ќе го изведе своето наградувано соло шоу „The Pale, Stale, Straight White Male“.

Свежо по настапите како специјален гостин на Џим Џефрис на неговата европска турнеја, Амос Гил пристигнува во Скопје со вечер исполнета со директен, брз и брутално смешен хумор, без филтри и без забранети теми. Познат по сарказмот што не простува и опсервациите кои ги погодуваат сите „недопирливи“ теми на модерното секојдневие, Гил е комичар кој подеднакво умее да насмее, изненади и испровоцира.

Повеќекратно наградуваниот стенд-ап артист важи за едно од најзначајните имиња на современата австралиска комедија. Зад себе има распродадени турнеи низ Австралија, САД и Велика Британија, настапи на престижни сцени како Sydney Opera House и Madison Square Garden, како и долгогодишна соработка со Џим Џефрис на неговите меѓународни турнеи.

Македонската публика веќе имаше можност да го запознае неговиот препознатлив стил во 2025 година, кога настапи како специјален гостин пред Џим Џефрис во спортскиот центар „Јане Сандански“. Овојпат се враќа со целосно соло шоу, подготвен за вечер која долго ќе се памети.

Настапот на летната тераса на Public Room нуди ретка можност Амос Гил да се доживее во интимна атмосфера, каде неговата извонредна импровизација, беспрекорен комичарски тајминг и интелигентен, бескомпромисен хумор доаѓаат до полн израз. А ако се прашувате дали ќе има и по некоја шега за неговото хрватско потекло – најдобро е да му дозволите самиот да ја раскаже.

Билетите се достапни во строго ограничен број преку drugastrana.events, по почетна цена од 800 денари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс