БАРК Ер сака да ги разгали сите домашни миленици и нивните сопственици, овозможувајќи им на кучињата да летаат во прва класа, наместо во одделите за животни.
Директорот на компанијата, Мет Мекер рече дека оваа бизнис идеја му дошла откако имал проблем да лета со неговото куче Хуго.
„Не можев да патувам со него на подолги дестинации и имав идеја дека треба да има авиокомпанија која е насочена кон кучињата“ рече тој.
Како што додава Мекер, компанијата е насочена кон удобноста на кучињата, обидувајќи се да ги смири, за да имаат удобен лет и без страв. Удобното летечко искуство за кучињата ќе започнува уште на аеродромот, во посебни простории исполнети со храна, играчки и брз процес на „чек-ин“.
БАРК Ер исто така нуди и спа за време на летот, како и мени со „шампањ за кучиња“.
Компанијата сака да продава по 10 вакви билети по лет, а нивните авиони имаат простор за 10 кучиња и 15 луѓе. Билетот за едно куче и еден човек чини осум илјади долари во еден правец за меѓународен лет и шест илјади за летови во САД.
„Во моментов работиме со загуби. Но идејата е со текот на времето да имаме јасен пат за да ги намалиме цените и за корисниците, но и за нашите трошоци. Тоа ќе се овозможи со зголемување на бројот на летови“ вели Мекер.
Во моментов БАРК Ер нуди летови помеѓу Њујорк, Лос Анџелес и Лондон.
Компанијата планира да воведе летови за Париз, Милано, Чикаго и Сиетл, како и сезонски летови за Флорида и Аризона.
Извор: Ројтерс