„Autechre“ во Скопје – концерт во целосен мрак

„ROTK books&music“ го најавува гостувањето на Autechre, легендарното британско електронско дуо составено од Sean Booth и Robert Brown

На 2 октомври во МКЦ, британското електронско дуо Autechre за првпат ќе настапи во Скопје, во рамки на концертна вечер со MDX и Александар Ордев.

„ROTK books&music“ го најавува гостувањето на Autechre, легендарното британско електронско дуо составено од Sean Booth и Robert Brown, едни од највлијателните и најиновативните автори на современата електронска музика.

По повеќе од три децении во кои континуирано ги поместуваат границите на електронскиот звук, Autechre за првпат ќе настапат во Скопје – на 2 октомври 2026 година, во Младинскиот културен центар (МКЦ).

На концертната вечер ќе настапи и MDX, DJ проектот на Andy Maddocks, основачот на култната манчестерска издавачка куќа Skam Records.

За локална поддршка, Autechre самите го избраа Александар Ордев, продуцент и еден од препознатливите автори на скопската експериментална електронска сцена. Со својот специфичен пристап кон звукот, Ордев ги поврзува електрониката, амбиентот и авангардата, со што ќе ја отвори концертната вечер во МКЦ.

Особеност на настапите на Autechre е тоа што се одвиваат во целосен мрак, со посебен безбедносен протокол. Без визуелни дистракции, фокусот е целосно ставен врз звукот, создавајќи интензивно и специфично концертно искуство.

Autechre – повеќе од три децении авангардна електроника

Autechre се активни од почетокот на 1990-тите и се сметаат за едни од клучните имиња во развојот на експерименталната електронска музика и IDM. Од нивниот дебитантски албум „Incunabula“ (1993), преку култните изданија „Tri Repetae“ (1995) и „LP5“ (1998), до амбициозните и алгоритамски структурирани композиции од серијалот „NTS Sessions“ (2018), нивната музика постојано ги преиспитува границите на звукот, формата и технологијата.

Sean Booth и Robert Brown потекнуваат од Рочдејл, Манчестер, а нивниот експериментален пристап кон електронската музика започнува уште во раните 1990-ти. Нивната работа со текот на годините остави значително влијание врз развојот на современата експериментална електроника и инспирираше генерации музичари и продуценти.

По распродадената турнеја во 2025 година, Autechre продолжуваат со интензивна концертна активност и во 2026 година, со настапи низ Европа и Јапонија, вклучувајќи го и нивниот најголем хедлајн настап досега во Лондон.

Билети

Останати се уште само 100 билети по цена од 1.800 денари. Додека билетите коишто ќе се продаваат на влез ќе бидат по цена од 2.000 денари.

Билетите се достапни преку:
MK Tickets – Autechre

е-Трн да боцка во твојот инбокс