Денес и утре во просториите на Советот за грижи и воспитување на децата на град Скопје, со почеток во 18:00 часот ќе се одржи аудиција за нови членови на хорот на Златно Славејче.
Аудицијата е отворена за сите деца на возраст од 7 до 12 години.
Сè што треба да направите е да дојдете и да бидете расположени за другарување танцување и пеење со сегашните и идните славејчиња.
Фестивалот „Златно славејче“ бил основан во ноември 1970 година од страна на неколку членови на Советот за грижа и воспитување на децата, и тоа: композиторот Александар Џамбазов (кој бил уметнички директор на фестивалот), поетот Васил Пујовски и Благоја Јордановски (во тоа време, секретар на Советот за грижа и воспитување на децата на Град Скопје). Тој е најстариот детски музички фестивал на Балканскиот Полуостров и вториот најстар во Европа. Првото издание на фестивалот, со насловот „Бираме златен глас“, било одржано на 23 мај 1971 година, во Драмскиот театар во Скопје. На него биле изведени 25 композиции, а меѓу учесниците биле и Игор Џамбазов и Блаже Маротов, кој го испеал големиот хит „Ах, тој крокодил“. Во текот на првите 25 изданија, фестивалот се одржувал во живо, со ревиски оркестар, но потоа се преминало на однапред снимена музкка („плејбек“). Подоцна, на овој фестивал своите први настапи ги имале повеќе македонски музички ѕвезди, како: Калиопи, Тоше Проески, Влатко Илиевски, Симон Трпчески, Ана Дурловски, Давид Темелков, Маја Гроздановска Панчева итн. Заклучно со 2017 година, на фестивалот учестувале 5.000 деца (како солисти или како членови на хорот), а биле изведени околу 950 композиции. Според некои груби процени, на сите изданија на фестивалот присуствувале околу еден милион гледачи