Програмската уредничка на Младинскиот културен центар во Скопје, Маргарита Арсова, реагираше на снимањето на спотот „Секси мама“ во Македониумот во Крушево и на односот кон јавните културни институции како простори што може да се изнајмат за секоја содржина доколку некој плати.
Во објава на Фејсбук, Арсова го поврза случајот со Македониумот, каде што се наоѓа гробот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев, со изнајмувањето на МКЦ за аудиција на Hype TV со Аца Лукас.
„По истата логика по која Македониумот во Крушево е изнајмен за 500 евра за снимање спот, каде се наоѓа гробот на Никола Карев пред сè, се изнајми и МКЦ за аудиција на Hype TV со Аца Лукас“, пишува Арсова.
Таа нагласува дека проблемот не е во тоа што јавните културни институции понекогаш изнајмуваат простор. Според неа, опасноста се појавува кога изнајмувањето станува главен одговор на недостигот од средства, без јасна процена дали содржината одговара на карактерот, вредностите и јавната мисија на институцијата.
„Нема пари за програмата? Рента. Нема пари за одржување? Рента. Нема пари за долговите? Рента. И така, институцијата што треба да создава и продуцира култура, полека се претвора во недвижност која има задача да заработува од сопствената квадратура“, наведува Арсова.
За неа, МКЦ не е само зграда со простории што може да се дадат под кирија. Тој е јавна културна установа создадена за развој на млади автори, фестивали, концерти, изложби, филмски и театарски програми, како и за содржини што имаат јавна, а не само комерцијална вредност.
Арсова предупредува дека оправдувањето на секое изнајмување со потребата од приходи веќе не претставува само финансиско прашање. Според неа, таквиот пристап ја менува самата идеја за тоа што е јавна културна институција и за што таа постои.
„Ако единствениот критериум е некој да плати, тогаш каде е границата?“, прашува таа.
Во реакцијата, Арсова се навраќа на Македониумот и на можноста простори со историско и меморијално значење да се користат како комерцијална сценографија, додека единственото оправдување е платениот надомест.
„Може да пеат ‘Секси мама’ до гробот на Никола Карев, може да се снима што било во простор што има историско или културно значење, а единствениот аргумент да биде: ‘Па, платиле’“, пишува Арсова.
Според неа, тоа не претставува културна политика, туку распродажба на јавниот ресурс под изговор дека нема пари. Недостигот од средства, додава таа, не смее да стане оправдување за губење на институционалната смисла.
„Јавните културни институции не се штали за рентање. Тие се дел од нашиот јавен простор, нашата културна меморија и нашиот идентитет“, порачува Арсова.
Таа смета дека недоволното финансирање на културата треба да се решава преку културна политика и соодветна поддршка од државата и локалната самоуправа, а не преку постепено претворање на институциите во комерцијални простори за изнајмување.
„Ако продолжиме да ги гледаме само како имот што може да се монетизира, еден ден можеби ќе сфатиме дека сме успеале да ги задржиме зградите, но сме ги изгубиле институциите. А тоа е многу поскапо од која било кирија“, заклучува Арсова.